Ванила крем брулé

Ако не сте го пробале, многу сте згрешиле!

Потребни состојки:

  • 3 жолчки
  • 100 гр шеќер
  • 400 мл павлака за готвење
  • ванила стапче
  • бренер (апарат за пламен)

Француски десерт што го имам правено минимум 10 пати додека не ми успее. Десерт како десерт и не е толку тежок, но има некои цаки кои се многу важни и јас истите, нормално, ќе ви ги кажам.

Последниов пат кога го правев, го правев двапати. Така се пренервирав првиот пат, што ми идеше да фрлам и јајца и тенџериња и све. Но, се потсмирив малце и си реков "пак, од почеток". Ако и вие се најдете во ситуација како мене, не се откажувајте, никогаш!

Мада, знаев дека ќе се зезнам, имав претчувство. Причината за тоа е што купив павлака за готвење што првпат ја користев. Ги имам пробано сите "хопли", но мене најдобро ми излага со павлаката за готвење на Дукат (врхње за кухање, зелен тетрапак од 200 мл.). Можеби и грешам, можеби нешто имам згрешено друго додека сум правела со други павлаки, ама со оваа секогаш ми излага како што треба. 

Чекори за подготовка:

  1. Препорачливо е јајцата да бидат на собна температура, а не директно од фрижидер. Одвојте ги жолчките и ставете ги во еден сад заедно со шеќерот. Со рачна маталка изматете доволно колку да се соединат со шеќерот. Оставете ги на страна.
  2. Во мало тенџерче ставете ја павлаката и загревајте ја на малку пониско од максимум. Павлаката не смее да зоврие. 
  3. Во меѓувреме, земете го ванила стапчето и по должина поделете го на пола.

  4. Ќе приметите дека содржи многу ситни зрнца. Тие ќе ги користиме. Со остриот дел на ножот почнете од почетокот на стапчето, па до крај, да влечете. Вака ќе го извадите поголемиот дел од зрнцата.

  5. Ставете ги во павлаката. Бидејќи самото стапче го има мирисот на ванила, ставете го и него. 

  6. Промешајте убаво. Павлаката е готова кога ќе приметите како почнуваат да се прават мали меурчињата на крајот на павлаката што се допира до ѕидот на садот. 
  7. Тргнете ја и веднаш, многу малку ставете во јајцата.

  8. Промешајте со маталката и додавајте малку по малку се до крај без да престанете да мешате.
  9. Земете цедалка и истата смеса прецедете ја во друг сад. Ви препорачувам да биде сад од кој што може лесно да се истура. Јас искористив пластична мералка, онаа што изгледа како бокал со обележани литри и грамови на неа.
  10. ВАЖНО: Откако ќе ја прецедите, на површината ќе забележите меурчиња. 

  11. Е тие меурчиња можат да ја направат најголемата пакост. Постојат две варијанти. Првата е да чекате пола саат да исчезнат сами или втора и најдобра варијанта, со бренерот, со планенот поминете врз нив и ќе исчезнат во секунда. Претурете ја смесата во керамички мали садови за печење. Доколку при претурањето ви се појават меурчиња на површина, повторете ја постапката со бренерот. Не смее да има! Ставете садовите во подлабока тава и наполнете ја со ЗОВРИЕНА ВОДА до пола на керамичките садови.

  12. Ставете ја тавата во веќе загреана рерна на 160 и печете 35-40 минути.
  13. По изминатото време, извадете ги од садот со вода и оставете да се оладат на собна температура околу 30 минути. Ставете ги во фрижидер и чекајте убаво да се оладат. Мислам дека 2 часа им е доволно. Ова ако сакате веднаш да јадете, инаку можат да ви останат во фрижидер во наредните неколку дена. 
  14. Кога ќе сакате да јадете, земете едно и покријте ја површината со шеќер.

  15. Со бренерот почнете да го топите шеќерот, поточно направете крцкава карамела.

  16. Резултатот треба да ви изгледа вака.

  17. Ставете декорација по ваш избор. Мене најубаво ми одат јагоди. Пред да го земете првиот залак, со лажичката тропнете по карамелата за да го чуете звукот на совршенството. Уживајте!

Хинт:

Доколку сте љубител на кафе вкус, во павлаката додадете кафе екстракт и направете "кафе крем бруле".
28 април 2016 - 10:58