Безобразно луто

Би го јадела како предигра!

Потребни состојки:

  • црвени чили пиперчиња
  • крем-сирење
  • темно чоколадо
  • путер
  • шеќер

Ви текнува на филмот "9 1/2 недели"? Гарант прва асоцијација ви е стриптизот на Ким Бесинџер и како Мики Рурк ја храни пред отворениот фрижидер со јагоди и триста чуда. Е, мене првата слика што ми се појавува е кога и го даде лутото пиперче. Тогаш си мислев "Е зошто вака сега ја зафркна", за подоцна да дојдам до еден заклучок. Не знам дали знаете, но луто е комбинација на болка и врелина. Кога размислив малце и не бил така вон контекст тој дел, Мики уствари и правел гастрономско садо-мазо. На таа тема денес, за да го зачините малце вашиот гастрономски живот, комбинација на чили со темно чоколадо. 

Чекори за подготовка:

  1. Во сад што ќе ги собере чили пиперчињата ставете 250гр шеќер со 250мл вода. Веќе ви е јасно дека ќе правиме шербет. Оставете го така да врие додека не се изредуцура на пола. Во меѓувреме, земете едно пиперче, пресечете го надолж и извадете му ги семките. Истата постапка на онолку пиперчиња колку што имате. Чувајте ги семките на страна, ќе ги употребиме подоцна.

  2. Ставете ги пиперчињата во веќе подготвениот шербет. Ако сте го тргнале на страна, вратете го да зоврие заедно со чилито и со тој дел сме готови. Слободно оставете го на страна еден час. Со ова ја вадиме лутината на чилито.

  3. Еден час подоцна, треба да се исцедат пиперчињата од шербетот. Јас ви предлагам да ја земете решетката од вашиот шпорет (рерна), да ја ставите врз мијалникот и врз неа пиперчињата. Така најубаво ќе се исцедат, а и шербетот што капе лесно ќе го измиете.
  4. Додека се цедат пиперчињата време е да го стопиме чоколадото. Постапката ја знаеме, во сад со вода ставаме уште еден сад, по можност стаклен што нема да ја допира водата, го ставаме чоколадото и путерот. Додека се растопува чоколадото, ги полните пиперчињата со кремсирот. Веќе наполнети ги ставате на даска за послужување. Може да одберете и некој друг сад, мене тоа ми се допадна. Го земате растопеното чоколадо и поминувате цик цак врз секое посебно и на крај врз сите заедно. Ви текнува на семките што ги оставивте на страна, со тие ќе ги наросите пиперчињата. Колку повеќе семки толку полуто. Ви посакувам да се олутите малце, тоа и е поентата! :)

ВНИМАНИЕ:

При чистење на семки од чили пиперчињата користете медицински ракавици. Никогаш не знаете каде и што ќе допрете потоа!
25 јануари 2016 - 17:42