Парите кои фирмата на Алберт Муслиу и таквите како него ги земале од Еуростандард банка мора да ги вратат. Се прашуваме каква е таа душевна болка да земеш пари од друг, да не вратиш ништо и со тоа да го оштетиш и да му предизвикаш болка. Или, колку боли туѓата болка?
Народната банка молчела кога екс генералниот на Еуростандард, Николче Петкоски, му доделил неповратен милионски кредит на својот вујко. Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска не успеала да го санкционира ниту директорот на експозитурата во Кавадарци кога тој сам на себе си доделил милионски кредит од нашите депозити.
Кој ги потпишувал односно одобрувал сите тие доделени непокриени кредити и нелегални трансакции кон клиентите во банката? Одговорот на ова прашање е едноставен. Тоа е можно и е направено само и исклучиво од раководниот тим на Еуростандард банка, односно од претседателите на управниот, кредитниот и надзорниот одбор.
Се извинуваме што не знаеме кога овие две фирми, тесно поврзани со Алберт Муслиу, ќе го вратат вкупниот долг од речиси 800 илјади евра во Еуростандард банка во стечај и за истиот ќе платат и законска казнена камата за изминатите година и половина од кога Еуростандард банка е затворена.