Ако го прогласиш за виновен, не значи дека нема да се омажиш за него

Ова не е некоја метафорична, предвалентинска мудрост. Најсериозно, некоја жена од Тексас била дел од порота која осудила човек на доживотна робија и сега ќе се мажи за истиот тој човек. А ние мислевме дека само таа со пиратот е бизарна.

Жената што се омажи, па се разведе од дух има конкуренција: Мери Мартин била една од 12-те поротници кои едногласно го прогласиле Лестер Бучер за виновен за убиството на човек по име Џејмс Стајтлер. Месецов планира да се омажи за него, иако тој отслужува доживотна казна затвор без можност за помилување.

„Ова е нашиот живот,” вели таа решително за еден медиум. „Не сакаме да повредиме никого. Само сакаме да бидеме вљубени на раат.”

Ако.

Чисто информативно, убиениот - Стајтлер, имал 40 години кога Бучер го нападнал поради несогласувања околу долгови и имот. Го ранил со пушка во рака, гради, дланка и брада, го избодел во вратот, рамото и раката и го удирал по глава. Еден сведок го видел Бучер облеан во крв, а самиот Бучер му се пофалил на брат му дека Стајтлер е мртов.

Тоа не значи дека не може да си фати девојка.

Мартин веднаш зажалила за гласот. „Се сомневав и требаше да им се спротиставам и да им кажам, но се повлеков и не го направив тоа.” Истиот ден му пратила писмо на Бучер.

„И јас ѝ вратив,” ќе каже нежниот љубовник, „реков, не се секирај. Не си ти виновна. Не се мрази себеси. Сè потруди најдобро што знаеше. Навистина.”

Секој брак се темели на разбирање.

Ѝ кажал и дека не е виновен. Па некое писмо подоцна ѝ кажал дека ја сака. Во декември возела 4 часа за да го посети во затворот, и го запросила. И ако управникот им дозволи да се земат, пазете сега - нејзе ова ќе ѝ биде втор брак со затвореник.

Ова ја отвара темата на феноменот - жени кои покажуваат романтичен интерес за осуденици. А како феномен е толку раширено, што постојат сајтови што ги спојуваат, такви за лични контакти, ама плус решетки. И без разлика што многумина се изненадија од идејата дека на некоу луѓе и Тед Банди им е привлечен после документарната серија, психолозите следат дека ова се случува многу оддамна, и тоа доволно често за да му се најде и име: хибристофилија.

Шила Ајзенберг, авторка на „Жени кои сакаат мажи кои убиваат” вели дека до оваа состојба се доаѓа ако претходно постоело малтретирање на личноста.

„Има жени кои биле повредени,” објаснува таа. „А кога си во врска со маж што е во затвор, тој е во затвор. Нема да те повреди. Не може. И така ти секогаш контролираш, затоа што ти си надвор. Ти си слободна. Ти одиш него да го посетиш. Можеш да одлучиш дали ќе му ги прифатиш повиците.”

Мери Мартин одрекува дека нонстоп се заљубува во затвореници, но признава дека секогаш паѓа на „лоши дечки.”

Сфаќате, „лоши дечки” не значи веќе емотивно недостапни, занесени типчиња на мотор што слушаат опасна музика. Сега може да значи и осуденици на животна робија.

И признава Мери дека можеби и фактот што имала тешко детство придонесува кон ова, но не сфаќа што е проблемот со моменталната врска, „кога веќе толку ја радува.”

Е па, со среќа на младите.

6 февруари 2019 - 00:35