Здраво Трендо,
Вчера, по подолго време, одново ми се јави чувството дека можеби е добро да си заминам од овие краишта. Еве како се случи.
Зборуваме со еден пријател, со кој се немавме видено од поодамна, и му кажувам дека сакам да купам ледина во некое од нашиве села и таму да си направам куќарка. Ми се изнасмеа в лице и ми ја раскажа својата приказна.
Помислувал и тој на тоа, ама му било страв. Замисли, вели...Купил и тој, пред неколку години, во исто време со други луге нива во околината на едно од нашиве испустени села. Полека почнале да си прават место, три на три метри, по некоја соба и клозети, кога се појавиле крадци. Доселените, се уште недозапознени меѓу себе, размениле збор-два, некои биле да си најдат кучиња, други да си го оградат местото со тел со струја, трети пак секој да си се снаоѓа како знае и умее. Договорот паднал околу најевтиното -
да го најмат селскиот патар да ги чува и нивните имоти а тие еднаш месечно да му плаќаат за маката.
И така и било во прво време - чуварот минувал околу имотите, гледал да не влегува некој непознат и, што се вели - ги чувал. Ама му се уарнила работата (иако и немал кој знае колку работа) и побарал повеќе пари. Му дале, а тој побарал повеќе. На третиот пат, пријателот мој рекол - доста е, ќе си купи кучиња и ке ја мавне компанијата-патар. И сторил така. Но потоа му се придружиле и други, на чуварот му останале само две-три куќи на крајот од населбата за чување. За нив, за тие две-три куќи, или и една да е, навистина се трудел, дури и си купил велосипед па брзо-брзо ке минел по главната улица и - право кај нив, да ги чува (биле поимашливи и не било ред и нив да ги лути).
Немал многу работа за тоа, арно ама и приходите значително му опаднале. Тоа не му се бендисувало многу и ги дал сите, целата населба - на суд. Се повикал на некој закон. Демек и нема врска тоа што чувал само две-три куќи на самиот крај, крадците знаеле и не доагале воопшто, потоа тој минувал низ селото и тоа значело нешто (не знам што). Кучињата, пит-були што ги чувал првиот сосед до тие, поимашливите, кои го вршеле лавовскиот дел од „чувањето" наводно немале улога, биле приватна работа. Неговата пак, на чуварот, била општествена... И судот му дал за право. Сите требало да плаќаат. И тие што ги чувал и тие покрај кои само поминувал.
Кога почна тој со приказни, зошто јас пак да бидам покусо, и ми текна и мене на една, што ми ја кажуваше татко ми, нека му е лесна земјата, уште пред пеесет години како на некој селанец дојден по работа во градот, му побарале пари што седнал на земја, до некоја градска кафеана, да се одмори затоа што од блиската фурна доаѓал мирис на леб, и, колку-толку таа миризба го хранела.
Тој, наивен колку што бил ама сепак, требало да знае дека доага во град, каде што има многу фурни и меани, овде мирис од леб, онде од грав - и ете му го ручекот.
А тогаш си спомнав и за еден поскорешен случај на мои блиски кои и покрај тоа што веке пет години живеат на село и воопшто не слегуваат во Скопје им беше натоварен долг за станот тука низ кои минувале цевнки за парно. Станот се греел, колку-толку а на, „снабдувачот со топлинска енергија" му требале уште пари па некој морал да ги даде. Ако овие моиве се две стотини километри далеку. Малку од топлината ќе дојде и до нив. Одлуката праведна, уставно потврдена. Правична? Никако!
Сега прашање е на време кога „Паркови и зеленило" ке наметнат нова, уставно загарантирана, давачка за гостите во Скопје - зеленилото што го садат и го одржуваат го прочистува воздухот, а ние, па и тие што ке наминат, ред е да се потсетиме, го дишеме...
Во разговорот се сетивме и на разликата праведно - правична, и на Џон Роулс, и на граѓанската непослушност и на уште многу други нешта но некако не сакавме да се сетиме за нас, лично, на главното. На тоа дека ние сме тука, во ова село. Дека јас сакам да купам ледина таму некаде, да ја заорам. И дека со тоа, вака како што стојат сега работите, всушност станувам иден роб. Ќе дојде некој силеџија, ќе сака пари и ке смисли законски начин да ми ги земе. Ај тој што сака, секогаш ке има такви и ај што има такви закони, ги имало, туку и Уставен суд ке досуди дека сето тоа е праведно! Јас ке немам пари да му ги дадам и ќе одам в затвор или ке му ја продадам земјата за нешто ситно, и ке станам роб. Некој ке ги има моите пари, моето време, мојот труд, а и моите бубрези, мрежници и срце, законски и праведно. И така ми се јави чувството што го спомнав на почетокот.
Драг Трендо, можев и покусо да кажам зошто некои одлуки на Уставниот суд мораат да се коментираат и што мислам за нив. Ќе беше попросто, можеби поразбирливо, но и попростачки. Приказната на татко ми од пред пеесет години (или на татко му од пред сто) едноставно заслужуваше малку повеќе изарчена тастатура. А и таа на пријателот не е за потценување.
Твој,
Драган Јакимовски