Истата приказна од сите страни. Едните дека прават сe што можат и што е најдобро за државата, другите дека заедно сме посилни и можеме многу да постигнеме ама уште не сме освестени!
Што е разликата помеѓу пичкање на статус на Фејсбук, Гугл+, Твитер и сл. со пишување писмо до Трендо? Со писмото на Трендо добиваш поголема публика. На некоја социјална мрежа може никој да не те прочита, али затоа вака ќе се најде некој.
Јас имам еден предлог до редакцијата на офф.нет, наместо да објавувате писма од граѓани на Р.М. најдобро ќе биде да објавите една статија на насловна „Ајде да направиме нешто", тоа мислам дека ќе ги стави на купче сите иштракани писма што биле пратени и планирани да бидат пратени. Ниту едно писмо не прочитав во кое што се наведува барем некаков план, потег, почеток, стратегија за како тоа ние уствари да се собереме и да им покажеме дека ни е преку глава!?
Сите знаеме дека вака не оди, ама веќе не оди 25 и кусур години.
Зошто мислам дека нема ништо да се промени (барем не во догледна иднина)? Затоа што под сите досегашни претседатели, премиери, министри, директори и други функционери, постои армија на луѓе со партиски книшки кои успеале да ја 'осигураат' својата иднина, па ако излезат од колосек ќе се најдат на улица. Очигледно дека бројката на овие, наспроти оние кои не се снашле е поголема, од тука можеме да дојдеме до заклучок дека статус кво ситуацијата не планира да се промени сама од себе.
Зошто? Затоа што човек тешко може да прекине да ги практикува своите навики.
На пример, зошто кога одите во полиција за да извадите возачка го барате вашиот братучед/пријател да ви заврши работа? - Кој ќе чека сеа два саати у ред.
Зошто кога ќе ве стопираат за брзо возење прво што ви доаѓа на јазик е „Дај бе сеа да не вртам да не барам луѓе да кинат тоа казната"?
Зошто по операција се подразбира дека хирургот треба да се почасти со флаша виски и други посластици?
Зошто чистачите на улица поминуваа како летно ветре, додека татко ми не почна да им дава кафе 2-3 пати неделно, па сега можам да јадам на тротоар?
Зошто кога жена ми се породи, сестрите ми соопштија со раката долго и широко пружена? Зошто барав пријатели и роднини за да и се пружи нега?
Зошто кога чекам ред во банка, мора да се појави некоја госпоѓа која е пријателка со таа на шалтер, па наместо во редот да застане оди директно до шалтер и завршува работа секундски?
Зошто сум третиран како партал во било која институција? Не од министерот, не од премиерот, не од директорот... Туку од вработените! Се разбира ако имам близок во институцијата немам никакви проблеми.
Драги мои, кога ќе се искоренат овие гнасотии, тогаш ќе може да се разговара за промени, дотогаш ќе си гледаме како се менуваат маторици во фотељи и сопственици на топ локации.
Фала, и кај вас!
Угрин