Почитувани,
Како родител на дете во основно училиште и барам наставата да се одвива со физичко присуство.
Веќе подолго време ја следам состојбата со неорганизираноста на надлежните институции да се одважат и еднаш во животот да донесат сопствена умна и одмерена одлука.
Наместо тоа, згрозен сум од препукувањата, префрлувањата, затскривањата зад некој друг и глумење херои. Типично македонско однесување. Единствено министерот за образование имаше доблест да го изрази својот личен став само за да биде распнат веднаш потоа. Особено лицемерно ми е тоа што зад божемната заштита на децата се печалат евтини поени кај населението.
Замислете си, издржавме толку многу полициски часови и карантини за да ги заштитиме постарите, за сега наеднаш „да не се игра со здравјето на децата“?! Истите тие деца носат најмал ризик од заболување, нивното учество во вкупниот број заболени едвај достигнува 2,5%. Ги заштитуваме истите тие деца кои минатата школска година ги видоа сите „предности“ на онлајн наставата: седење будни до доцна навечер; станување касно наутро; шетање по паркови и седење по кафулиња во време кога треба да се на училиште; наставници кои не си ги предават лекциите (чест на исклучоците); наставници кои само задаваат задачи, презентации и домашни и тоа во чудни термини вон работното време или навечер преку викенд.
Точно е дека вирусот е опасен и дека треба да се заштитиме. Но, сега е време да разговараме со децата и да им објасниме зошто и како треба да ги почитуваат трите едноставни мерки: држење растојание, миење раце и носење маска. Вирусот е минлив, образованието е за цел живот. Голема е веројатноста од вирусот да се оздрави и повторно да не се заболи, а и вакцина ќе се најде час поскоро. Сепак, наместо тоа, ние решаваме да осакатиме и упропастиме цели генерации засекогаш, со дупки во своето образование толку големи што нема никогаш да ги пополнат. Освен тоа, постојано се залагавме да ги оттргнеме децата од екраните и телефоните за сега наеднаш така лесно и брзо да ги осудиме на гледање во истите тие екрани по цел ден доведувајќи го така во опасност нивниот вид, кој исто така ќе им треба за цел живот.
Многу е едноставно. Ние родителите сепак најмногу си ги сакаме своите деца, им мислиме најдобро и им посакуваме светла иднина. Поради тоа, ајде одлуката за нивното образование да ни се препушти нам. Надлежните нека изготват урнек на изјава за одрекување од одговорност и секој родител којшто сака неговото дете да посетува настава со физичко присуство, нека ја пополни изјавата, нека ја завери на нотар и нека ја достави до училиштето. И волкот сит и овците на број. За овие деца може да се распише тендер за американски тип школски клупи каде секое дете седи само и полесно е да се одржува пропишаната физичка дистанца.
За оние коишто нема да посетуват, да се организира онлајн настава, но во исто време додека трае вистинската настава која ќе се стримува преку некоја од платформите во реално време. Платформата треба да дава можност да се евидентира присуството на детето, кое ако не е присутно ќе треба да го оправда изостанокот или да добие неоправдан. Истиот принцип би се применувал и при усното одговарање.
Што се однесува до траењето на часовите, 20 минути е навистина смешно ја навредува сечија интелегенција. Освен тоа, зарем навистина мислите дека ако за 40 минути може да се заболи од вирусот, за 20 нема да може и дека со тоа нешто се решава?
За физичката дистанца можам само да го наведам следниов пример: во автомобил е дозволено да се возат повеќе лица коишто не се во роднинска врска ако при тоа носат маски. Но, во автомобил тешко може да се оствари физичка дистанца од 1,5 или 2 метри. Замислете ги сега тие патници патуваат службено од Скопје до Велес на состанок. Токму колку еден школски час. Повторувам, ова е дозволено и не се смета за ризик.
Голем е бројот на земји во кои школската година ќе започне нормално и на време. Немојте со приказните дека тие се повеќе држави од нас, имаат повеќе пари, итн. Една од нив е Грција, наша соседна земја во слично климатско подрачје и многу слична по менталитет. Ќе си земам за слобода да толкувам дека сите тие држави на време ја сфатиле мојата теза дека вирусот е минлив, а образованието е за цел живот. Тие знаат дека со осакатување на овие генерации си ја осакатуваат иднината како држави.
И на самиот крај, никој, ама баш никој не може да ме убеди дека родителите во тие држави помалку си ги сакаат децата.
Со почит,
Радослав Галиќ
*******