Писма на надгуглани читателки

Очигледно Гугл Search ја знае локацијата од каде што пристапувам. Зошто би помислил дека на оваа локација треба да прикаже бугарски?

Здраво Трендо,

Се случува една интересна ситуација со Гугл сервисите кога се пристапуваат од кај нас. Можеби си и запознат, како што се и доста луѓе што го знам, но сепак ќе ги опишам чекорите со кои може да се репродуцира таа ситуација:

1. Отвораш incognito Chrome таб (се случува и на Safari)

2. Одиш на google.com (google search)
- локацијата доле лево ти е North Macedonia, што значи точно ја знае (за жал, но тоа е реалноста)
- google search или ти е на македонски или имаш доле напомена дека е достапен и на македонски
3. Кликаш на gmail - gmail ти е на бугарски

Прашањето е од каде доаѓа овој бугарски јазик?
1. Овој мој лаптоп никогаш нема патувано во Бугарија за да му е останато нешто од некогаш
2. Kaj префернци за јазик НАСЕКАДЕ (оперативен систем, browser) ми е англиски, дури ни македонски го немав ставено, се додека не се заинаетив со проблемот и не го ставив за да видам дали ќе смени нешто (секако дека не помогна).
3. Очигледно Гугл Search ја знае локацијата од каде што пристапувам - зошто би помислил дека на оваа локација треба да прикаже бугарски?
4. Gmail (почетната страна барем) го има и на македонски.

И секако нели, како IT едуциран човек, сакав да пријавам баг до Гугл на темата. Е за оваа ситуација нема баш начин како да пријавиш баг. За да пријаваиш баг, треба да се најавиш на gmail, и тогаш можеш да дадеш feedback сосе скриншот, проблемот е штом се најавам пошто ми ги памти преференците ми го дава gmail на англиски :).

И сега, за да не речеш програмериве немаат попаметна работа па се занимаваат со глупости, сакам да укажам на неколку според мене многу битни работи во 21 век (можеби побитни и од Гоце Делчев, пошто, тој своето си го завршил):
1. Кој го контролира македонскиот интернет? Нели е тоа стратешко прашање во 21 век?
2. Кој и каде треба да се реагира на вакви ситуации кои очигледно можат да имаат и политичко влијание?
3. Проблемот постои веќе една година според мое знаење - зошто никој до сеа нема реагирано?
4. Дали некој мисли дека македонскиот јазик, којшто наводно го зачувавме, може да опстане ако не живее на Интернет? Странец кога ќе дојде во МК, кога ќе отвори Гугл и кога ќе види бугарски, што ќе помисли?
5. Дали македонските интернет провајдери имаат некаква обврска по ова прашање?

Јасно ми е мене дека интернетот сообраќајот мора да поминува низ туѓи држави и дека се е тоа по малку каша попара, дека интернет провајдерите се приватни компании што можат што сакаат да прават (дали тоа стварно треба да е така?) и претпоставувам дека се користи бугарска мрежа некоја или слично во случајов, и можеби проблемот потекнува од сето тоа. Плус, софтверот по дефиниција има многу багови (знам, програмер сум, пак да појаснам), но според мене ова не смее да се случува, и секако не смее да поминува незабележано од јавноста. Зошто треба да трпиме туѓ наметнат јазик во нашиот интернет простор?

Фала на вниманието, и доколку имаш идеја како и каде да се пријави овој "баг", отворена сум за сугестии,

Поздрав,
Елена

3 јули 2019 - 17:02