Писма на читателки напишани на локални јазици

Може некој од ОБСЕ Македонија да ми ја објасни логиката? Ние имаме македонски официјален јазик, албанскиот е исто така официјален во одредени општини. Ако сака некој да се пријави за работново место, кои јазици треба да ги познава? Кои се тие локални јазици?

Од X причини, неважни за она што сакам да го посочам, ја посетив страницата за вработување на ОБСЕ. (jobs.osce.org). Исфилтрирав Duty Station и слободни работни места каде што се бараат локални работници и го одбрав Скопје каде што бараат Senior Secretary. Меѓу другите неопходни квалификации, наведено е одлично усно и писмено познавање на англискиот јазик и пазете ова -  локалните јазици!

Добро, си реков, дај да проверам што е со другите duty stations (извинете за англискиов, живеам долго во земја каде што се говори германски, па не ми паѓа на ум пригоден превод во моментов, слободно корегирајте).
И проверив.
За секој друг наведен град, како неопходна квалификација се бараше одлично усно и писмено познавање на англискиот и српскиот јазик, на пример за Белград. Или англиски, руски и локални јазици за Кисинау. Или одличен англиски, руски и познавање на Таџик јазикот за Душанбе. Или одлично познавање на англиски, украински и руски за Киев. И така натаму, да не ги набројувам сега сите работни места и градови каде што се бараат локални работници.

За волја на вистината, покрај Скопје единствено Сараево е во ист кош. И таму се бара одлично познавање на англиски и локалните јазици.

Може некој од ОБСЕ Македонија да ми ја објасни логиката? Ние имаме македонски официјален јазик, албанскиот е исто така официјален во одредени општини. Ако сака некој да се пријави за работново место, кои јазици треба да ги познава? Кои се тие локални јазици? Зошто во секоја друга земја, покрај англискиот јасно е наведен официјалниот/официјалните јазици кои се бараат како неопходен критериум за вработување, освен кај нас и во Сараево? Во Босна и Херцеговина се водеа крвопролевачки војни, па можеби се сè уште претпазливи и сензитивни по тоа прашање. А во Македонија?

Меѓу другото, убаво е да се погледнат 'Who we are and What we do' објаснувањата на официјалната страница на ОБСЕ и вредностите на таа организација. И да се запрашаме:

Кому му е незгодно да го спомене и именува македонскиот (и останатите) јазици онака како што треба? Кој ги составува огласиве за вработување во ОБСЕ?

И.

******

 

24 септември 2019 - 09:13