Клиничка слика или упат за брза помош
Луѓето (таксономски познати како Homo sapiens, што на латински значи „разумен човек" или „знаен човек"), во глобални рамки попознати како Humans, се живи суштества кои битно се разликуваат од сите останати поради тоа што имаат разум.
Хуманоста, пак, е доблест која е збир од неклку вештини фокусирани на „негување и помагање на другите". Трите вештини поврзани со хуманоста се: љубовта, љубезноста и социјалната интелигенција.
Овие дефиниции ме наведоа на заклучок дека наведениве карактеристики се видно затапени кај живите суштества кои егзистираат (читај работат) на просторите на нашите државни, здравствени институции, до кои и не е така лесно да се стигне, особено ако ви треба брза помош.
"Брзата помош" доаѓа само на повик од пријател кој знае пријател кој познава некого од брза помош. Шансите да дојде ви се 50/50.
Секако, треба да трчате по амбулантното возило, затоа што по два брзи часа чекање, пролетува покрај вашето живеалиште. Причина-погрешно пренесена адреса.
Помошта се состои од комбе, носилка на тркалца и возач. Возачот, кој е најмлад од целата пратечка опрема, а спеак во години, ни крив ни должен во приказнава, ве замолува да му помогнете со носилката, што е и нормално, затоа што човекот не може сам да ја качи до влезот на куќата. Следната, до душа не толку логична работа, е што ви бара упат?!
Неподвижниот пациент треба да се пренесе од куќата до терасата каде што е носилката. Ова е еден од оние моменти кога ви треба помош од публика и кога треба навистина да бидете бескрајно благодарни што имате сосед како чичко Васе. Иако и тој во години, го качува пациентот на раменици и безбедно го пренесува до носилката, додека кутриот возач пополнува документи во врска со посетата потребни за строгата здравствената администрација.
Стигнувате во болницата. Тука возачот ве "истоварува" и ви вели, „ За враќање снаоѓајте се ". Како до сега да не го правевме тоа...Ако не друго, бар за снаоѓање имаме развиено длабока експертиза.
Некои "персони" во бели мантили ни велат дека не требало да не остават кај нив. Една "фина" госпожа, исто во бел мантил, со благо поднамрштен изглед и прек поглед, сепак одлучува да ни го покаже патот до одделот каде "требало" да не остави амбулантното возило, кој, бај д веј, е на вториот спрат. После најдолгиот пат низ лавиринтите на болницата, буткајќи ја носилката, стигнуваме до одделот.
Тука, рака на срце, докторот нѐ прима веднаш. Сме биле итен случај. Секоја чест. Нѐ упатува на рендген, но, претходно на шалтер да ни дале упат. При тоа не изостанува неговата доза на хумор со која го орасположува пациентот праќајќи го "кај сестри со минич" (најверојатно , дел од поширокиот здравствен тим, задолжен за емоционална поддршка на пациенти во агонија).
Шалтерот приказна за себе: стакло, со полукружно отворче, кое е толку е мало што и личната карта треба да се превитка на две за да може да се протне и да ѝ се подаде на сестрата. Очигледно малите отворчиња се вовед во долго најавуваната реформа за мала здравствена картичка. Добар почеток.
Се чуствував како на игри без граници од неколку причини: Требаше да смислам како да направам неколку работи што на прв поглед делуваа невозможно - да ја протнам тетратката од здравствена книшка низ тоа мало отворче, да ја слушнам сестрата што зборува, а при тоа да не ја изнервирам (и да не се изнервирам)!
Сестрата промрморе нешто како рендген, ми подаде едно ливче и покажа во правецот зад мене.
Ја свртевме количката и правец-рендген. Нејзините дотраени тркалца во секој момент даваа звучна трага каде се движиме додека ние се молевме да ја издржат целата маршута. Доаѓаме до некој агол во ходникот и фала богу што другите страдалници како нас, но малку поупатени, и без да ги замолиме за помош ни кажуваат дека радиологија е на спротивниот крај од ходникот. Веќе изверзирани во управување дотраени носилки на тркалца, јас и сестра ми стручно ја вртиме носилката, и се упатуваме во точниот правец, при тоа разминувајќи се со млади момци со раце гордо нурнати во џебовите на нивните тешко заслужени бели мантили. Ни упатуваат по некој безличен поглед, но никако не нудат помош. Сигурно не студирале за да буткаат колички по ходници?!
И тука пак застаклен шалтер. Трбало да земеме бројче. Не само ние. Уште минимум дваесетина измачени лица чекаат во редот, кој никако да се намали. Уште еднаш се уваруваме во изреката: надежта последна умира.
Зад стаклото – транспарентност на дело. Во прилично големата просторија има пет персони, сите во бели мантили. Една од петте персони седи најблиску до шалтерот. Пред неа компјутер и - машина за чукање! Најверојатно олд тајмерски бекап , за не дај боже. Не смееме да се жалиме на оваа персона, затоа што само таа навидум работи. Другите седат со скрстени нозе, гледајќи ја со доза на презир бедната маса од другата страна на стаклото како молчеливо, со подвиткан опаш и бескрајна истрајност чека за своето бројче. Сепак, за здравјето се работи!
Стигнвам на ред - кончно! Таман, со невиден ентузијазам да го земам залсужено бројот што живот значи, персоната ме погледнува попреку и ми вели: „Па вие немате упат! Вратете се на шелтерот да ви дадат упат!" Секој мој обид да ја сфатам апсурдноста на ситуацијата паѓа во вода.
Повторно трчам назад. Пред шалтерот разбирливо - редица подгрбавени пациенти кои најревносно се трудат да ги протнат книшките низ отворчето. И да не ја изнервираат сестрата! После некое време, истата личност која изусти „рендген" ме прашува: „Кој ви рече да одите на рендген?!" Повторно броење до десет, и назад. Требало на шалтер "фискални сметки", па потоа пак на истиов шалтер со уплатница, за да ви го дадат упатот.
Фискални сметки на другиот крај од ходникот, а вработените на пауза. Се обидувам да не мислам на агонијата на татко ми кој чека на крајот на другиот ходник. Повторно, страдалниците на дело: имало ист шалтер на спрат подолу кој работи во моментот! Додека трчам по скалите, во некој ист ходник, си мантрам: трпение спасение, што се мора не е тешко и слично.
Добивам фискална со платени 80 денари и трк нагоре-до првиот шалтер. Повторно чекање и ... конечно добивам упат!
Сега трк до шалтерот на рендген. Нормално, сум го изгубила редот. Пациентите веќе со намален праг на стрпливост се стуткале околу шалтерот. Почнуваат препукувања, од типот кој бил најрано дојден: „Јас сум тука од 9; Ааа извинете јас дојдов порано. Еве господинот нека каже; Немојте така да разговарате со неа - мајка ми е! Ма ќе разговарам како сакам!; Е, како не ми текна уште во 7 да си дојдам, бар ќе завршев до 12... не не, отвараат врати во 8; Ма, лесно им е на оние кои живета до клиника. Одат во 6 часот изутрина, ја оставаат книшката и по некој саат се враќаат". Си мислам: А бе роди ме до клиника, фрли ме на буниште!
Една од персоните од привилегираната страна на стаклото, се вознемирува и подналутува што рајата покажува знаци на непослушност. Превзема радикална мерка - се приближува до стаклото и подвикнува строго за сите да ја чујат и да се засрамат: „Што е работата?! Ајде сите во ред!" Некој се осмелува да каже дека само чека резултати. Конечно, милостивата се одлучува да направи хумано дело - како што впрочем доликува на медицинско лице и отсечно згрмува: „Име!" Храбрата жена го доби својот резултат, а веќе навистина изнервираната персона прашува, уште построго, и поналутено: „Некој друг за резултат!" Добивам неизмерна желба да и дадам 100 грама турско кафе за нејзината добрина и хуманост!
Тука се доплаќаат уште 60 денари. И мора да имате точно! Да не ги изнервирате дополнително. Промрорува: Соба број 3.
Во соба број 3 мора да влезете со пациентот, зошто нема кој да го дигне и пренесе од носилката на леглото кај рендген апаратот. Младиот техничар крева раменици и вика: „Ама не сме ние криви." Ендемски, изолиран хуманоиден вид во таа застаклена менажерија од персони! Мојот монолог вроди резултат. Наместо да чекаме уште три часа за резулатите, ги добивме за помалку од 5 минути. Неверојатно! Го гледав техничарот како зрак надеж во темните лавиринти...
Повторно чекање кај докторот за терапија. Само еден час! Во меѓувреме, докторот излегува, го снемува половина час (кутриот мора да јаде). На вратата пишува дека пациенти се примаат од 8.30 до 15.30. Во моментот е 13.30. Докторот се враќа и изнервирано вика по пациентите: „Денеска веќе не примам пациенти без бројче". Си помислувам: Можеше ова да го каже пред да оди на појадок. И да го каже поинаку, ако веќе мора. Луѓето се видно вознемирени. Некои не се од Скопје. Некои се со деца. Сите си имаат мака!
Па нели нѐ учеа дека социјалната интеракција помеѓу луѓето треба да создаде широк спектар на вредности, социјални норми и ритуали, кои заедно ги поставуваат темелите на едно хуманото општество?!
Завршуваме после четири часа и конечно излегуваме од лавиринтот, со желба никогаш повторно да не се вратиме!
Чисто за информација, за одење дома - се снајдовме!
Секоја сличност со лица и настани не е ни од далеку случајна и измислена. За жал...
поздрав,
Биљана