Имам дома три кучиња. Едното има петнаесетина години, црно е и од сортата „љангар“, значи не „лингур“ што е скопски сленг на оригиналниот израз „љангар“ што означува куче со долго влакно односно зборот е изведен од германскиот „lang haаr“ во превод: долга коса. Каj нас изразот се користи за кучиња скитници од причина што изразот не дефинира точно одредена сорта на куче туку е општ и тој е прифатен да биде израз за сите кучиња скитници од причина што најчесто тие изгледаат така. Е тоа мое куче и по тој основ е такво, односно не поседува лоза со педигре а и нема типични карактеристики на поедина сорта куче од оние кои се во светот стандардизирани. А таквото негово потекло е причина плус за неговиот карактер. Имено кучето е алтруист и ја споделува храната со другите две кои се алчни и агресивни штом ќе насетат храна.
Второто куче е со девет години и е со смеѓа боја а е од сортата „мобс“. Кучето дојде со документ за педигре, а и учествуваше на некои изложби и има освоено бодови на истите, значи со потенцијал за да дава потомство со педигре. Кога беа две кучиња ова второво се з'гнуваше по храната на љангарот и не го пушташе да си ја јаде а кога тој ќе се приближеше до другиот сад со храна, мобсот не му дозволуваше ни тука да пријне. Љангарот како постар и патријахално настроен се повлекуваше од храната сметајќи дека „малиов“ е толку многу гладен што сета храна му недостасува само нему.
Третото куче има две години и е црно со симетрични смеѓи и бели флеки по нозете и главата а е од сортата „загар“. Ова куче нема документ „педигре“ ама има типични карактеристики на сортата на која припаѓа и е очигледно дека не е мешана сорта. Тоа е уште младо и разиграно па и тоа сака да џапне храна од садовите на другите две кучиња. Љангарот и кон ова куче има алтруистички и патерналистички однос, ама мобсот очите ќе му ги ископа ако го види покрај неговата чинија со храна. Инаку мобсот е две години со дисфункционални задни нозе и е со ограничени способности, меѓутоа односот кон другите кучиња, а во врска со неговата храна останал непроменет. И двете кучиња, ова постарово и ова помладово, се плашат да се приближат до чинијата на „хендикепираниов“ мобс.
Посматрајќи ги нив, човек не може да се оттргне од впечатокот дека оној кој СЕ БОРИ за она што му е неопходно, истото ЌЕ ГО ДОБИЕ И ЌЕ ГО ИМА, без разлика колку е голем, моќен, возрасен или способен!
Борче Петровски