Downhill писма на пешаци по Водно

Велосипедистите со својата неприлагодена брзина не само што го нарушуваат мирот и уживањето на планинарите, туку и директно ги загрозуваат сопствените животи, животите на сите планинари со кои се разминуваат, а особено на најмалите; по Пензионерската патеката рекреираат многу родители со деца поради благиот нагиб, а таа патека е тесна и на моменти е невозможно да се тргнеш настрана.

Здраво Трендо,

Пред некој викенд бев со децата на Водно по Пензионерската патека. Во тие 2 часа на нас наидоа може 20тина велосипедисти, претежно малолетници, кои се спуштаа со неприлагодена брзина по тесните патеки. Иако успоруваа кога ќе нè видеа, на секое нивно појавување морав да викнам „ТОЧАК!!“ и да скокнеме со децата на страна од патеката за да нè поминат. Повеќе пати откако ќе се тргневме престануваше кочењето и нѐ поминуваа со голема брзина.

Велосипедистите со својата неприлагодена брзина не само што го нарушуваат мирот и уживањето на планинарите, туку и директно ги загрозуваат сопствените животи, животите на сите планинари со кои се разминуваат, а особено на најмалите; по Пензионерската патеката рекреираат многу родители со деца поради благиот нагиб, а таа патека е тесна и на моменти е невозможно да се тргнеш настрана. Во меѓувреме, постои неофицијална патека за велосипеди (Карпи).

Како илустрација на проблемот, еве едно видео од Велигденските празници поставено од млад дечко кого го запира еден планинар со две деца на пешачка патека (Цветкова?).
    Она што може да се види од видеото е дека:
    1. Дечкото и покрај револтот кој го предизвика не чувствува ниту вина ниту одговорност,
    2. Родителот на кој му се јави дечкото му дава совет да продолжи по свое и да не му е гајле за другите, па ни за полицијата,
    3. Брзината со која се спуштаат може да се види малку на стартот, но и по 11:00, каде од 13:00 почнува да разминува и пешаци, а подоцна и на 16:50 кога ја спушта Пензионерската патека. Јасно може да се види дека нити тој нити неговите другари не ни забавуваат кога поминуваат покрај бројните планинари кои се приморани да се тргнат на страна.

Да замислиме до каква трагедија може да дојде ако ние не го видиме на време велосипедистот или тој не нè види нас (прекумерна брзина, кривини, вегетација), особено на делови каде што и нема простор да се тргнеме на страна? Што ако во таа брзина летне камен од гумата на велосипедот и удри некој пешак во глава? Што ако во таа брзина откажат сопирачките на велосипедот? Што ако во таа брзина изгуби рамнотежа велосипедистот или некој планинарите (мало дете)?

Како одговор на овие прашања би издвоил коментар од видеото:

@IrenaPe-w4q
Дечко, јас сум кумата што ја удри еден дечко на возраст како тебе и тоа пред 12год. Дечкото ме удри т.е собра од зад грб додека се симнував надоле, затоа што не можеше да закочи откако ме видел, а јас додека да се свртам и реагирам, веќе бев собрана и исфрлена напред, како и он преку мене падна од точакот. Среќа имаше он кацига и не настрада од падот, а јас бев преплашена, не можев да поместам ни нога ни рака, набиена од ударот и со рани на колковите и рацете. Дојдоа од црвен крст што се лоцирани на средно зашто беше во близина случката и ме однесоа во Државна болница. Среќа немав скршеница, но не можев да се движам 10 дена, бев со јаки болки и белези од раните имам до ден денешен. Дечкото се исплаши многу и возеше по комбето до државна болница чекајки да види што ми се последиците и цело време се извинуваше и ме прашуваше што да направи. Јас само му реков те молам немој друг пат да возиш каде се качуваат/симнуваат пешаци, зашто ако беше дете на моето место немаше да остане живо. После година дена ме повикаа од суд како сведок за случката (не поднесов против него ништо затоа што беше свесен што направи и дека е виновен, но болницата пријави за случајов и дојде полиција уште истиот ден во болница, па имаше добиено казна за прекршок). Кога го видов во суд, ми рече фала што не поднесе ништо против мене, но да знаеш дека јас од тој ден го немам фатено точакот да возам повеќе. Целата ситуација ме исплаши многу.
Лекција треба да научиш од ова, не уште да се промовираш и да го коментираш однесувањето на Кристијан, кој е родител и преку глава му е од "секој прави што сака во државава". Најубаво требаше да си се вратиш назад на почетокот и да се извиниш.  А за татко ти по телефон што искоментира, немам коментар. Истиот тој може да се спореди со родители што им даваат на деца коли да возат без дозвола или што не ги воспитуваат да не возат со голема брзина.

И овој за законската регулатива:

@suzanakotevska7777
del od zakonot:
(8) Преклопување на велосипедска патека со друга планинска патека не е дозволено, освен во случај кога планинската патека е доволно широка да обезбедува безбедно разминување на пешаците и велосипедистите.
(9) Во случај на преклопување на патеките уредувањето и одржувањето на истите ќе биде направено на начин што ќе ги исполнува највисоките услови за безбедност согласно со намената на патеката која носи поголем ризик за корисникот, односно условите кои го обезбедуваат на високиот безбедносен стандард за патеката.

Апелираме до надлежните да пресечат и час поскоро да воведат ред, пред да дојде до повеќе и поголеми несреќи и трагедии за доброто на сите.

Поздрав
Бранко

 

15 април 2026 - 13:43