Т'га за Кочани
Во последно време се почесто слушам како нашите сограѓани плукаат на нашето родно местенце Кочани и тоа ме натера да размислам што ги натера луѓето да мислат така, и доколку е така навистина, кој дозволи да пропадне местово и зошто. Сите работи ни се случуваат пред нос, а ние по обичај Македонците сме си послушни и мрчиме само под мустак. Толку сме истренирани да ќутиме и да се жалиме без да превземеме нешто, што целата таа "традиција" се претвори во плукање, депресија и насилство. Ако за сите важи заедно сме посилни, кај нас тоа зборче "заедно" ја изгубило веќе одамна смислата. И ако рекле - раздели, па владеј, тоа кај нас доста сериозно си го сфатиле оние попаметните.
Многу работи кај нас го променија значењето, си велам додека тапкавме во место беше добро, ама почнавме многу назад да одиме со брзината на темнината, не на светлината. Преку ноќ мирното мало градче Кочани, кое имаше страшен кошаркарски клуб, театар на ниво, квалитетни музички бендови, кино, разновиден ноќен живот за сите генерации и стилови на луѓе, познат и прочуен и по другите градови, индивидуи со посебен стил и став, почит и морал, итн. се претвори во една трула дупка на картата на Македонија. Онаму каде што цветаше културата и од каде излегуваа имиња за кои до ден денес се зборува за нивните постигнувања и беа инспирација за новите генерации да творат и да се изградуваат како личности, и каде секојдневно никнуваа нови идеи кои без проблем беа реализирани.... сето тоа, по само 6,7 години да премине во историја и во излитени бледи кичерајски исфорсирани манифестациички што опстанале на стара слава. За сета разновидност на ноќниот живот да се сведе на една огромна лажна нинџа – желковска пародија, во која главни ликови се надувани шутови и квази – бугарски чалгарки како дел и продукт од турбо фолк (не)културата која се негува во нашиот град. И тука е и младината, подвижната сила на нашето градче, кои копираат од нивните батковци и дади, оние битните фаци што ја диктираат шемата во нашето градче, и се перчат и уживаат во лажни идеали во најубавите години кои ги употребуваат за тотално бескорисни и безвредни нешта. А бунтовнишството, внатрешната револуција и желбата на средношколецот да го освои светот и да го промени на подобро се претворија во мит и тема за исмејување од страна на неписмените градски јунаци. Се разбира, со голема почит кон исклучоците, кои веројатно се кријат по домовите за да не бидат осудени од оваа луда безсмислена околина.
Јас тука го градев својот став, тука израснав и станав човек. Тука запознав луѓе кои не се плашеа да размислуваат на различни теми и се стремеа кон усовршување. Тука започна и љубовта кон театарот, филмот, музиката. Тука ги посетував сите можни клубови пробувајки да се пронајдам себе.Тука си играв на улица и им приредувавме приредби на комшиите. Тука безгрижно и опуштено се шетав и не размислував дека нешто лошо може да се случи, хаха па тоа го имаше само на филм. И од тука заминав пред 9 години за да си го пронајдам патот, кој потоа ме врати пак назад, но зошто? За да си го видам градот како одвај со последни сили се мачи да дише, за да ги видам Кочанчани со намуртени спуштени глави, полни со злоба, бес и претежно, непотребен стрес и нервоза, за да прочитам во весник дека градот ни е на прво место по број на самоубиства , за да го гледам како Домот на културата започнува да личи на напуштена селска шупа со "фенси" име во која двапати годишно се свртува по некое орце, за да ми станат секојдневие тепачки, препукувања и подмукло пукање сеир, за да ги видам сите тие имиња кои го прославиле Кочани со своите постигнувања скршени и со последни сили тие најупорните да ја развиваат љубовта кон музиката, уметноста во некоја гаража, а творбите да си ги газат и плукаат. Да, ни остана ДАФ, во некоја млитава варијанта пред умирање, ни останаа Денови на оризот, излитена традиција без душа... Ни останаа празни фабрики, празни дуќани, намален број на ученици, празни срца и празни улици, а живата сила - младите луѓе бегаат од овде ко "попарени", барајќи си ја среќата на други места. А во меѓувреме на само 15 или 30 километри од Кочани местата се развиваат и луѓето се со тотално различен менталитет и не исмејуваат заради нашата простота. Дали е доцна? И зошто? Дали некој воопшто размислува и гледа што ни се случува пред нос? Дали ќе си ќутиме и ќе ги примаме сите удари? И до кога? И уште колку? Дали не ви жал? Дали имате барем малку совест? Останаа ли луѓе во овој град?!
Со љубов,
Елизабета Лелекова