Во 1940 година градксиот колеџ на Њуjорк го назначува еминентниот филозоф и математичар Бертранд Расел за свој професор по предметите логика, математика и метафизика во науката. Меѓутоа, одреден лик кој се одзивал на името Вилијам Менинг (свештено лице кое неколку години подоцна зазема про-воен став за прашањето околу учеството на Америка во првата светска војна, а и учествува во војната), се решава да го спречи колеџот во својата намера. Неговите аргументи се дека Расел проповеда права за хомосексуалците, слободен секс пред брак (ма пушти го, будала), антикапитализам (ќути, забеган скроз) и атеизам. Иако колеџот во Њуjорк воопшто и не е засегнат од обвинувањата на Менинг, туку напротив, ги цени овие прогресивни погледи на Расел, работата стига до врховниот суд на Њуjорк. Е, тука веќе започнува сјебот. Најпрво се појавуваат групи луѓе кои се засегнати од проблемот и не сакат да го видат Расел ни на слика а не па пред катедра. Потоа, на сцената во судот се појавува извесна госпоѓа Кеј која се „заканува“ дека нема да дозволи нејзината ќерка да студира на истиот колеџ каде што Расел е професор и ги повикува и другите родители да го следат нејзиниот пример.
Long story short, колеџот нема што друго да направи и ја повлекува одлуката Расел да биде професор - дел заради притисоците а поголем дел заради тоа што градоначалникот на Њујорк, Фиорело ЛаГардија, ги повлекува средствата од буџетот на колеџот кој биле за таа цел.
Само да се напомене за крај, дека судија во случајот бил исто така тврдокорен католик а ќерката на госпоѓа Кеј ниту студирала на колеџот во Њујорк а ниту пак имала право да студира бидејќи тогаш само машки студенти биле примани на тој колеџ.
А и на Расел му било забрането да се појавува на рочиштата.
Е сега, ќе прашате зошто оваа приказна е важна за понатамошниот текст кој следува.
Бидејќи Менинг и Кеј „победиле“. Издвојувале една мала, но слатка победа. Го добиле тоа што го сакале.
Како е тоа поврзано со нас?
Иста таква победа имаше администрацијата. Кога не дозволи дел од своите примања да одат кај приватниот сектор, кој de facto го полни буџетот за администрацијата да може да земе плата. Се изборија за своите макотрпно стекнати 20.000+ денари. 20.000 капки крв, солзи и пот останаа во нивните кревки раце. Истите тие раце кои ги спојуваат кога се молат следната година да се зголемат даноците, па и за нив да капне уште нешто. Победија во битката.
Администрација 1-0 Солидарност
Мали победи беа забележани и во Синѓелич, во Гевгелија, во неколку цркви и манастири, по паркови... Групи граѓани се собираа што помасовно со цел да го одржат во живот колективниот дух, го појачаа природниот имунитет, а патем не им дозволија на полицијата ниту на државата да има влијание врз нивните секојдневни животи и судбини. Се изборија потребата за дружење да остане повисоко од потребата за живот на пирамидата на приоритети.
Групи граѓани 1-0 Полиција+Држава+Вирус
Мала, но значајна победа беше забележана и во Кисела Вода. Полицијата откако загуби неколку натпревари (види погоре), кога беше најпотребно се врати во игра и со силна, брза и одлучна акција успеа да го уапси еден од најбараните криминилаци на поднебјево - дечкото со кучето што излегол 10 минути порано од полицискиот час. Целата своја сила и логистика беше употребена во таа клучна акција. Можеби затоа немаат сила ни логистика за другиве што бегаат од затвори пред избори, од државата пред судење, од континентот пред затвор...
Полиција 1-0 Граѓани
Неколку индивидуални мали победи имаше и во нашите маала перидов. Се успеа „само да се праша“ во банка во целата таа гужва, да се отиде 4 пати до продавница за само 1 час а поспремните успеаја да направат нокти па и фризури во своите омилени салони. Срамота да се иде до кујна несреден, нели. Успеа да се купи цел сумамед и да се надитрат болниците (кога ќе ви кажат дека немаат за вас - вие само ќе извадите 10 кутии од џеб), успеа да се направи пазар за визирите кои група на млади ентузијасти деноноќно ги изработува и проплукаа крв додека да ги направат и бесплатно да ги достават каде што треба. Накратко, успеавме она итарпејовското во нас да победи повторно.
Индивидуи 1-0 Разум
Мали победи имаше и на терените со виртуелна публика. Нашите експерти доминираа против светските масони, заговорници и deep state граѓани од прв ред. Успеаја да им ги пробијат криптираните пораки, да им ги дешифрираат кодовите, да ги поврзат настаните и броевите во логична целина. Ја наредија сложувалката од навидум неповрзаните делови. Потпомогнати од својата, секогаш верна коњаница од српски сајтови, приредија дебакл за противничкиот табор, каков што не памети поновата историја. Бил Гејтс, Опра Винфри и Селин Дион веднаш се откажаа од својата идеја за глобална доминација, Американците ја изгубија желбата за глобално чипирање на населението, а светските телекомуникациски оператори веднаш ги повлекоа своите 5г антени-вклучувајќи ја и онаа во с.Боговиње. Тоа беше од исклучителна важност за целиот југоисточен Балкан бидејќи с.Боговиње важеше за последниот 5г бастион на масонеријата. Конечно птиците можат на раат да летаат и да уживаат во овие пријатни и топли пролетни денови (има информации- непотврдени, дека повеќе немало да летаат кон југ во зима. Ќе останеле тука на подолг период).
Слободен народ 1-0 Масони
Мали победи имаше и на натпреварите кои се одиграа на медиумскиот простор.
Страв, паника, шокантно, нема да ви се верува, ќе се наежите, ќе останете подзинати, ќе се наежите подзинати, ќе подзинете наежени...
Непроверени информации, стари слики и видеа, нерелевантни извори, лоши преводи, делумни статистики...сето тоа за лајковите кои живот значат. „Информации“ за кои никој нема да одговара. Никој нема да ја преземе одговорноста доколку некој човек по читањето на таа статија испаничил, се исплашил, паднал во депресија или пострашно. Важно кликовите беа тука. А спонзорите се лепат доколку има кликови и лајкови.
Политичарите се надоврзаа на залетот на медиумите и одлично ја искористија приликата за да голгетираат со неодбранлив популизам прикриен во маската на грижа за народот.
Зарем имало период кога општата добросостојба била поважна од гласовите на следните избори?
Паника 1-0 Факти
Има уште многу примери да се пишуваат. Ама да не досаѓам многу. Можеби еден ден ќе излезе некоја Антологија на победниците од Македонија, па ќе прочитаме за сите.
За приказната од почетокот, сте слушнале некогаш за Кеј и Менинг?
А за Бертранд Расел? Hint: еден од вие тројца има добиено и Нобелова награда.
Кој навистина е победникот тука, тогаш?
Не бидете Кеј и Менинг во вашиот живот. Не бидете ниеден од овие победнициве во текстов. Оставете ги малите победи за тогаш кога големите работи нема да се важни. Немојте од дрвјата да не ја гледате шумата.
Bella Ciao!
Viva la revolution!
Ама тогаш кога ќе треба.
Мартин Мијовски