Читателски писма за двофазните тендерски местенки

Дали сте забележале? При секоја промена на власта веднаш се пристапува кон промена или надополнување на Законот за јавни набавки. Демек старион не чинел и тие му ги знаат недостатоците.

Фото: Фатаморгана

Почитуван Трендо,

Повод за овој допис до тебе е генерално: чувство на немоќ. Немоќ да се променат некои работи кој некој не сака да ги види или не сака да ги промени, иако се очигледни и се наведени во неколку укажувања од наша страна; до Комисијата за јавни набавки како и до ДКСК (Државната агенција за спречување на корупцијата на Р.Македонија).

Вака, можда некој од „горе“ ќе прочита па ќе... ...ќе се засрами.

Се работи за една битна работа во функционирањето на државата: јавните набавки.

Зошто некој не би сакал да ги види неправилностите? Одговорот е едноставен. Која и власт да дојде, вториот државен ешалон помалку или повеќе останува непроменет. И таа „дефинитивно слабо платена“ администрација има бескрајна фантазија: како да се дојде до дополнителна заработка. Дали сте забележале? При секоја промена на власта веднаш се пристапува кон промена или надополнување на Законот за јавни набавки. Демек старион не чинел и тие му ги знаат недостатоците.

Не сакам ниту да помислам дека највисоките ешалони на новите власти стојат позади овие суптилни промени на Законот за јавни набавки. Сè е по Пе-еС. Јавни дискусии, ветувања за поправичен закон, странски консултанти и се што следи за да на виделина дојде еден изменет, „праведен“, сега наштелуван по нишаните на новата влада; Закон за јавни набавки.

Овде не зборувам за преговори во четири очи или мали набавки до 2000 (500) Евра.

Овде зборувам за ситуација која редовно се повторува. За да бидам појасен, ќе го објаснам низ конкретен пример:

Договорен државен Орган Х(икс) распишува мала јавна набавка за опрема (обично софистицирана електроника/аудио/ТВ/ИТ/телекомуникации). Нема некои посебни услови во јавниот повик. Сосема регуларен мал тендер за опрема за мала сума на пари.

Се јавуваат куп фирми. Добива фирма со најниска цена. Пошто се во прашање малку пари (мал тендер), никој не обрнува внимание дека фирмата-учесник (застапник), практично скоро „подарила“ висококвалитетна технологија од реномирана европска фирма (мора да биде европски производител). Еве нека биде процесор за аудио со микрофон и звучник. Најдобро е кога производот има посебен тип на софтвер или некоја карактеристика која е уникатна и сопственост на фирмата производител.

Поминува одредено време (обично преку три месеци а некогаш и година дена).

Истиот Договорен државен орган Х распишува сега тендер со проценета вредност, на пример на 26 000.000,00. Тендерот е крајно комплициран. Со сите технички карактеристики во барањата. Детални описи, обврзувачки членови. Се гледа дека е составуван од стручни лица. Некогаш и цела екипа на инженери, градежници, акустичари итн.

И таму има едно ретче во заглавие на табелата:

„Опремата мора да биде компатибилна со гореспомнатиот процесор“ (набавен при малата набавка).

И сега ви е јасно: Добива застапникот на фирмата производител. Некогаш се работи за банална опрема која не можете да ја комплетирате затоа што постои условот - мора да биде компатибилна.

Јасно: веднаш поднесувате прашање дека тоа не е логично. За еден дел кој е сосема заменлив да се бара опрема која вреди стотици илјади евра. Одговорите на одговорното лице се толку банални и безобразни што сигурно нема да заспиете од нервоза едно два-три дена.

А за да поднесете официјална жалба, треба да учествувате и да платите. И тоа во % од сумата на вредноста на тендерот. Па кај го има ова? Па кај нас. И замислете, никој не реагира.

Решение има. Понудено е. Тендерите (и оние најмалите) треба да ги составуваат независни стручни лица. Факултети дал господ.

Поздрав
Вангел Димовски

24 јануари 2020 - 14:26