Зошто на Вимблдон во 23:00 е фајрон?

Може да ставите покрив и рефлектори, но има еден услов. Во 23:00 сите дома.

Новак Ѓоковиќ и Феликс Оже-Алијасим синоќа зајдоа од играње 5 часа и 15 минути, што е рекорд за едно четвртфинале на Вимблдон.

Завршија во 22:52 часот или на само 8 минути до дозволеното време за играње тенис на најпрестижниот тениски турнир.

Во понеделник, Коко Гоф го заврши својот меч во 22:58 часот. 

„Тоа беше прв пат во мојот живот да се тркам против времето во тенисот“, рече таа по победата над Белинда Бенчиќ.

Тенисот е познат по тоа што не се знае кога почнува и завршува, а понекогаш се игра и доцна во ноќта. Сепак, на Вимблдон, постои строго правило. Крајниот рок е 23:00 часот. 

Александар Зверев и Јиржи Лехечка го почувствуваа тоа во вторникот. Со резултат 3:3 во третиот сет, натпреварот беше прекинат.

Зошто постои тој таканаречен по нашки „полициски час“?

МИР ЗА ЖИТЕЛИТЕ
Бидејќи стадионот се наоѓа во станбена зона, има ограничување за да се заштитат локалните жители од бучава и вознемирување во доцните вечерни часови.

ОРГАНИЗАЦИЈА НА ПРЕВОЗ
Крајот на програмата во ова време им овозможува на илјадници гледачи безбедно да го напуштат комплексот и да го фатат лондонскиот јавен превоз.

ЗАКОНСКИ САНКЦИИ
Ова не е традиција, туку строго урбанистичко правило. Доколку турнирот го прекрши пропишаното време на завршување, ќе биде изложен на високи казни и други финансиски санкции наметнати од локалните власти.

Кога во 2009 година беше одобрена изградба на подвижен покрив и воведувањето рефлектори, условот на општината беше: може, но до 23:00 часот.

8 јули 2026 - 14:20