Во минатото релито Дакар започнуваше од Париз на 1 јануари и се возеше низ Сахара, но заради безбедносните проблеми во Африка, веќе пет години најтешката трка се вози во Јужна Америка. За разлика од сите досегашни трки, организаторите решија оваа година релито да стартува на 5 јануари за натпреварувачите да можат да ги поминат празниците со своите семејства.
Трката ќе стартува од брегот на Пацификот, во близина на главниот град на Перу, Лима и во текот на 14 етапи, караванот два пати ќе ги помине Андите. Натпреварувачите ќе треба да совладаат огромни висини, а дополнителни потешкотии ќе им зададат пустинските предели низ Аргентина, за на крајот да завршат во Чиле на 20 јануари.
Главната битка во најинтересната конкуренција на автомобили се очекува да се води помеѓу актуелниот шампион Стефан Петерхансел и Роби Гордон, а кај мотоциклистите во отсуство на Марк Кома, фаворит е минатогодишниот шампион Сирил Депре.
Дакар 2013 низ бројки:
0 - литри дожд во годината во пустината Атакама во Чиле
14 - етапи (пауза ќе има само на 13 јануари)
19 - години има најмладиот возач, Роберт Ван Пелт од Холандија
53 - држави ќе имаат свои претставници на Дакар 2013
71 - години има најстариот возач, Франциско Клаудио Регунаски од Аргентина
250 - километри е должината на најкратката (1-ва) етапа
459 - возачи и екипи учесници
852 - километри е должината на најдолгата (9-та) етапа
1.700 - луѓе вкупно (возачи и механичари) ќе учествуваат на релито
4.800 - метри е највисоката надморска височина низ која ќе помине маршрутата
8.432 - километри ќе извозат натпреварувачите