Формула 1: Каталуња

Ферстапен на 18 години до победа, Розберг и Хамилтон се судрија

Трката за Големата награда на Шпанија, петта во тековната сезона на Формула 1 ја одбележи сударот меѓу пилотите на Мерцедес, Нико Розберг и Луис Хамилтон кои ја завршија трката уште во првиот круг.

Младиот од скоро полнолетен Макс Ферстапен пред неколку дена доби прилика првпат да вози за Ред Бул, по инцидентот на Данил Квјат во Сочи и го искористи хаосот на трката во Шпанија каде во третата кривина се судрија двата болиди на Мерцедес.
 
Испаѓањето од трката на Хамилтон и Розберг го искористија возачите на Ред Бул, Даниел Рикардо и Ферстапен кои ги презедоа првите две места, а зад нив возеше тандемот на Ферари, Кими Раиконен и Себастијан Фетел.
 
Во следните 66 круга се водеше опасна борба меѓу двата тима а на крајот тактичка победа оствари Ферстапен и стана најмладиот победник во историјата на Ф1. Второ место му припадна на Кими Раиконен кој 15 кругови жестоко го напаѓаше младиот ривал. Трет заврши Себастијан Фетел кој оддолеа на нападите на Рикардо од Ред Бул кој на круг пред крајот мораше да ја напушти трката поради гумите.

 
Веднаш по стартот од првите две позиции, Розберг го престигна тимскиот колега којшто ја имаше пол позицијата, Британецот инстиктивно се обиде да возврати, но излета од патеката, се заврте и го собра и Германецот.
 
На тој начин Хамилтон го упропасти совршениот старт на Нико Розберг, но за тоа одговорен го смета директорот на тимот Ники Лауда.
„Беше многу глупаво, можевме да победиме на тркава. Луис беше премногу агресивен, а јас ќе морам да разговарам со нив и да го слушнам нивното објасување“, изјави Лауда за време на трката.
Контролорите веднаш најавија истрага за инцидентот кој колку толку ќе ја направи поинтересна борбата за титулата кога веќе останатите тимови (читај Ферари, Мекларен и Ред Бул) не се спремни да му парираат на Мерцедес.
„Двајцата се разочарани, знаат колку труд е вложено во болидите, но нема покажување со прст во никого. Се извинија на целиот тим, затоа што загубивме потенцијална двојна победа, и големи 43 бода. Луис се обиде да престигне, Нико му го затвори пристапот, не знаеме што точно се случи, чекаме одлука на стјуардите“, изјави Тото Волф, шефот на тимот на Мерцедес.
Нико Розберг се качи на подиумот како победник на првите четири трки сезонава, беше во серија од шест победи по ред и имаше дури 43 бода повеќе од Хамилтон кој на Каталуња ја прекина серијата на Германецот од две пол позиции.
15 мај 2016 - 16:02