И покрај апелите од Македонската одбојкарска федерација и спортските работници, трибините во „Борис Трајковски“ вечерва на отворање на Евро 2023 во Скопје беа полупразни. Очигледно интересот за овој турнир не е голем меѓу македонските навивачи.
Но после ова што се случи вечерва, во второто коло прашање е дали ќе има доволно влезници за сите.
Химната на Македонија на отворањето ја испеа Ламбе Алабаковски кој делумно ги подразбуди трибините.
На стартот од мечот со Данска, Македонија го освои првиот поен, но гостите возвратија со пресврт. Следуваа два фуриозни напади на Савовски и Милев и првпат поведовме со 2+ (6-4).
Потоа Оскар Мадсен, Јенсен и Бјорг со скратени сервиси придонесоа Данците да дојдат во ситуација да направат серија од 0-3 и да поведат 9-11 но Никола Ѓорѓиев, Љафтов и Савовски не дозволуваа скандинавскиот состав со кого имаме дури десет меѓусебни дуели во претходните години, да се одлепат дополнително.
Тоа што не им успеа до тој момент, на Данците им тргна од рака во продолжение кога за првпат отидоа на +4 (14-18). Со добар блок и добра втора линија Македонија освои два поени во серија но на крајот Данска го освои првиот сет со 22-25.
ВТОР СЕТ
Во вториот сет Македонија тргна на сè или ништо и тоа се исплатеше. Околу 3.000 гледачи во салата како да го препознаа моментот дека момците се спремни да тргнат во свој ритам па пружија максимална поддршка.
Целиот овој дел од мечот се играше со резултатска клацкалица но Македонија успеа да ја презеде предноста и да ја одржува до самиот финиш.
Со врвна игра на Ѓорѓиев, Љафтов и Савовски, црвено-жолтите го освоија сетот со 25-22 за 1-1.
ТРЕТ СЕТ
Данците го започнаа овој сет со повеќе технички грешки од претходните два сета и тоа ни овозможи дури 12 поени.
Капитенот Никола Ѓоргиев и Александар Љафтов играа во транс и со убедливи 25-19 го освоивме и третиот сет за 2-1.
ЧЕТВРТИ СЕТ
Во ситуација кога Македонија имаше водство од 2-1 во сетови, Данците беа под поголем притисок и тоа се одрази на паркетот.
Четвртиот сет мина во голема резултатска неизвесност. Во неколку наврати Македонија водеше со два поени разлика но скандинавските ривали се враќаа. Успеавме да добиеме и две брејк-топки и од 22-22 предводени од маестралните Никола Ѓоргиев и Александар Љафтов, црвено-жолтите го освоија сетот 25-22 и заслужено славија 3-1 за историски триумф на првото Европско првенство во земјава.
Македонија во сабота ја чека дуел со Црна Гора од 20:00 часот, а на тој меч со евентуален триумф би можеле да обезбедиме пласман во следната рунда.
Најефикасни во нашата селекција беа капитенот Никола Ѓоргиев со 16 и Александар Љафтов, кој запиша уште 15, од кои неколку во најклучните моменти од натпреварот. Следниот натпревар нашите „спартанци“ ќе го одиграат против селекцијата на Црна Гора на 2 септември.
Во конкуренција на шест екипи четири одат во осминафинале. Покрај Црна Гора в сабота, наши ривали во групата се и фаворитите Полска, Холандија и Чешка.