Претседателот на Светската анти-допинг агенција потврди дека ќе се разгледа предлогот за отстранување на марихуаната од листата на забранети супстанци за оние спортови каде не е потврдено дека може да делува на перформансите на спортистите.
Овој предлог потекнува од Австралија каде челниците на повеќе спортски федерации од оваа земја во средата одржаа состанок на кој било разговарано на оваа тема.
Светската анти-допинг агенција секоја година ја обновува забранетата листа, а за да се најде некоја супстанца на оваа листа, треба да исполнува два од трите услови:
- супстанцата делува на перформансите на спортистите
- користењето на супстанцата е против спортскиот дух
- супстанцата е опасна по здравјето на спортистите
Под овие услови марихуаната се квалификува како забранета супстанца, но челниците на спортските федерации од Австралија порачаа дека критериумите треба повторно да се разгледаат и марихуаната да се избрише од забранетата листа.
Марихуаната не делува на подобрување на перформансите во спортови со зголемена активност, но би можела да биде од голема предност во спортови за кои е потребна мирна рака, како на пример стрелање или голф.
На спортистите кои биле позитивни на марихуана на денот на натпреварувањето им се заканува суспензија до две години, но во неколку неодамнешни случаи, спортистите добија само предупредувања или суспензии од три месеци.