Што ќе си купи Ема со парите од УС опен?

Во освојувањето на нејзиниот Грен слем во Њујорк не само што не верувал никој, туку и самата тенисерка, која имала резервирано лет за дома уште пред две недели.

Ема Радукану минатиот месец ги положила последните испити во средно, а потоа направи сензација од епски размери и стана прва тенисерка што успеала од квалификации да освои Грен слем и тоа без загубен сет.

18 годишната Британка на својата земја и го донесе највредниот тениски триумф по пауза од 45 години, а за себе покрај слава и престиж, ќе добие и парична награда од 2,5 милиони долари кои и следуваат од шампионската титула.

Вкупната заработка во нејзината досегашна кариера пред турнирот во САД изнесувала 303.000 долари. На гостувањето во ЕСПН, ја кажа првата цел која ја имала во случај да победи во финалето.

„Имаше шега во мојот тим пред мојот квалификациски натпревар од првото коло. Ги загубив слушалките од телефонот и трчав во соблекувална да ги барам три минути пред мојот повик на терен. Ги барав, ама ги немаше, па си мислев, ако победам, можам да си купам нови“.

Инаку Радукану бележи огромен напредок на најновото рангирање на ВТА листата. Годинава започна на 336-та позиција во светот, а пред стартот на УС опен беше 150-та.

Историскиот триумф во финалето над 19 годишната Лејла Фернандез и донесе нов скок од 127 места и сега е 23-та тенисерка во светот.

Доказ плус за нејзиниот неочекуван пат до финале е тоа што имала резервирано лет за дома уште пред две недели.

14 септември 2021 - 14:16