Шарапова ја заврши кариерата

Некогашната најдобра тенисерка на светот, Русинката Марија Шарапова на 32 години стави крај на кариерата поради честите повреди со кои не можеше да излезе на крај.

Одлуката за крај на кариерата, Марија ја соопшти преку статија за Vogue and Vanity Fair и објава на својот Инстаграм.

Една од најдобрите тенисерки на сите времиња, освои пет Гренд Слем титули (Ролан Гарос 2012, 2014), Вимблдон (2004), Aвстралија Опен (2008) и УС Опен (2006) или вкупно 36 трофеи во својата богата кариера. Нејзината заработка од тенисот се проценува дека е над 40 милиони долари. На Олимписките игри во Лондон 2012 освои сребрен медал.жВо својата кариера одигра 816 натпревари и забележа 645 победи. Во август 2005 година првпат во кариерата застана на чело на ВТА ранг листата.

Шарапова долги години се бореше со повреда на грбот кој го оперираше во 2008-ма година. Во 2016-та година доби суспензија поради користење недозволени средства (мелдониум) и пропушти голем број турнири. Во 2019-та година одигра 15 меча и претрпе 7 порази.

На овогодинешниот Австралија Опен, Русинката се појави како 145. тенисерка на ранг листата а во Мелбурн играше со вајлд кард.

26 февруари 2020 - 14:56