Четири од четири. Нико Розберг комплетираше уште еден неверојатен викенд, откако беше најбрз на тренингот, доминантно стигна до пол позиција, а на самата трка ниту еднаш не му го загрозија водечкото место.
Розберг покажа дека е без конкуренција и славеше со време од 1 час, 32 минути и 41 секунда, пред неговиот тимски колега Луис Хамилтон.
Британецот ја започна денешната трка на осмата позиција, но го искористи инцидентот на почетокот и некако набрзина се приклучи кон врвот што подоцна му овозможи да заврши втор, со дури 25 секунди заостанување зад Розберг.
На подиумот во Сочи денес се качи и Кими Раиконен од Ферари со 31, 997 секунди заостанување зад лидерот. Пилотот од германскиот Визбаден стана првиот возач во историјата на Формула 1 којшто врзал серија од четири победи на првите четири трки од сезоната.
Инцидентот се случи во втората кривина - Данил Квјат, домашниот миленик во Русија го удри Себастијан Фетел и го истурка кон Даниел Рикардо, по што пилотот на Ферари брутално излета од патеката и ја заврши трката. Квјат доби суспензија од 10 секунди во боксот, а уште неколку возачи меѓу кои беше и Нико Хилкенберг мораа да се предадат, по што влезе сејфти кар.
Бодовното салдо во Сочи денес во генералниот пласман го подобрија уште Валтери Ботас, Фелипе Маса, Фернандо Алонсо, Кевин Магнусен, Роман Грожан, Серхио Перес и Џенсон Батон. По денешната трка во Русија, Розберг сега има 100 бодови, дури 43 повеќе од Британецот Хамилтон. Следи Кими Раиконен со 43 и Даниел Рикардо со 36.
Денешниот шампионат го следеше во живо и претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин. Следната рунда од патувачкиот циркуз се вози на 15. мај со трката за ГН на Шпанија во Каталуња.