Дали играчите се плашат од тебе кога ќе седнат на маса и кога ќе го видат Роналдо?
„Се надевам, вели Роналдо насмеан. Се надевам дека е така, но се зависи од тоа какви карти имаш и на кој начин играш, а не од тоа дали е некој познат или не, додава Рони и раскажува една анегдота која му се случила пред извесно време. Пред една година еден дечко се сликаше, а на истата маса на фотографијата бев и јас. Тој ја закачи фотографијата на својот Твитер профил и сите коментираа за мене, а само тој се чудеше кој сум јас и зошто баш толку многу се зборува за мене. Значи не ме знаат баш сите“.
Дали ти паѓа чудно кога играчите те следат до крај во играта, само за да видат какви карти имаш?
„Да, ми се случувало и тоа. Некогаш навистина мислам дека некој играч ме следи, за после да може да се фали како го победив Роналдо. За него тоа е голема работа“.
Како се префрли од фудбал баш на покер?
„Со години играм покер, но пред три години воспоставив контакт со луѓето од Покер Старс тимот, после што почнав да читам книги и да го проучувам покерот. Се посериозно ја сфаќав играта, почнав да земам часови и се трудам да ја унапредам мојата игра. Мислам дека многу успеав во тоа“.
Има ли Роналдо нешто од фудбалскиот терен што ти помогнало на покерската маса?
„Многу сум натпреварувачки настроен, но мислам дека нема нешто од фудбалот што ми помогнало да напредувам во покерот“.
Можеби онаа желба за победа?
„Не. Во фудбалот бев мирен кога требаше да се одлучи нешто, да се даде гол. Бев опуштен на теренот, додека во покерот не сум баш толку самоуверен. За секоја одлука морам баш добро да размислам“.
Какво е чувството кога ќе се направи таков трансфер?
„Тешко е искрено, затоа што и натаму сум нов во ова. Минатата сезона завршив како 26-ти, но ќе се трудам да бидам подобар. Не е лесно“.
Што зборат другите покераши за Роналдо?
„Не знам, не прашувам. Мислам дека помалку се плашат, затоа што секогаш играм на победа. Не сум љубител на стратегијата, играм чисто од забава, а тоа знае да ги збуни играчите“.
Кога ќе ти се погоди добра рака, дали те обзема истиот адреналин како кога даваше голови?
„Да, скоро ист. Кога ќе добијам кец помислувам вау. Тоа е како пенал во фудбалот, и натаму мора да поентираш, но имаш одлична шанса. Кај пеналот играчите најчесто погодуваат, но не секогаш. Така кога ќе добиеш кец, имаш одлична шанса, но повторно мора добро да одиграш за да победиш“
Велат дека покерот во Бразил е се попопуларен?
„Да и многу ми е мило поради тоа. Пред еден месец организиравме натпреварување кое се состоеше од 32 турнири, а учествуваа преку 16.000 играчи, што е апсолутен рекорд. Покерот е се попопуларен во Бразил и се повеќе познати личности го играат, затоа што сфаќаат дека не е како некогаш, кога луѓето се картале само за да пушат, пијат и бркаат девојки“.
Пак за фудбалот. Кој тим ти е најзабавен за гледање?
„Баерн и Барселона. Најмногу го сакам Реал Мадрид, затоа што таму играв пет години а го сакам и градот. Но тие сега не играат добро, Зидан го презема тимот и се надевам дека ќе тргне на добро“,
Што мислиш дека е потребно за Бразил да се врати на кровот на светот? Што е лошо работено?
„Ах, многу треба да се смени. Ќе видиме, затоа што последните настани врзани со корупција би можеле да влијаат на целиот свет. Се надевам дека ќе има промени и во Бразил“.
Какво е чувството кога уште како тинејџер ќе дојдеш во центарот на светското внимание? (Роналдо на 17 години го освои Светското првенство во САД 1994-та.
„Во Бразил децата сонуваат да станат професионални фудбалери и да играат за репрезентацијата. Јас сум само еден од оние на кои тоа му се остварило. Бев неверојатно многу возбуден, затоа што уште бев млад кога го освоивме Светското во САД. Беше прекрасно и се надеваме дека ќе можеме да гледаме уште Бразилци кои ќе го доживеат истото, како Нејмар и другите. Тоа ни е потребно“.
Титулата ја освои и во 2002. но не и во 1998. кога тоа се очекуваше од Бразил и Роналдо, но загубивте 3:0 од Франција. Дали тогаш чувствуваше притисок?
„Не чувствував, затоа што кога ќе излезеш на теренот размислуваш само како да придонесеш за тимот. Зборувам во свое име, навистина не чувствувам притисок кога сум на теренот“, вели Роналдо но не се знае дали е искрен, затоа што и натаму е мистерија што се случувало со неговото повредено колено непосредно пред мечот.
Дали низ искуството стекнато во фудбалот и покерот научи некои работи кои можеш да ги примениш во секојдневниот живот?
„Прифаќам се. Се што ми се случува е искуство, посебен момент. Покерот е нешто ново во мојот живот и се трудам да го искористам. Се што работам во животот, се трудам максимално да го искористам“.
Последното прашање на Вајс беше стандардно за Роналдо. Дали би му се вратил на фудбалот?
„Да, минатата година реков дека ќе се вратам ако мојот тим Форт Лодердејт Страјкерс (2. американска лига) се пласира во плејофот за пласман во прва лига. Не е лесно да се вратам, треба да ослабнам. Сега повеќе го сакам покерот“, констатира Бразилецот.