Освои сè со ликот на добар и воспитан млад човек, секогаш пример на теренот, па дури и со помалку симпатичните и познатите противници. Роже Федерер е модел на прав шампион.
Сепак има и некои што го виделе и неговото спротивно лице, кога е лут, нервозен, бесен, поради што како мал го викале the little satan (мала сатана). Во секој случај, Роже е почитуван од сите, па дури и во младинскиот клуб, каде не свратил од 2005. година кога тенискиот центар го крстиле по негово име. Клубот каде Федерер почнал да тренира тенис се вика Олд Бојс, а Медлин Барлоше за францускиот весник носталгично раскажува за ќерефеките со малиот Роже.
„Кога противникот ќе му земеше потег, Роже почнуваше бесно да урла, а понезгоден беше кога самиот ќе освоеше поен. Знаеше да провоцира дека со таквите удари и Вимблдон ќе го освои, а не да победи некој таков противник. Поради него трениравме на најоддалечениот терен од локалите, за да не го слушаат кога колне и пцуе“, вели Барлоше, која додава дека Роже бил дете со ангелски лик само на прв поглед.
Приказната дека Федерер како мал често ги кршел рекетите ја откри неговиот татко Роберт, во книгата „Тhe Roger Federer Story, Quest for Perfection" (Приказната за Роже Федерер, потрага по совршеност).
„Кога не му одеше како мал, често знаеше да стане агресивен, па дури и со нас родителите. Секој пораз беше катастрофален за него“, вели Роберт Федерер, таткото на славниот тенисер.
Во книгата за Федерер се открива уште и дека како помлад, на 17 години ги собирал сите трофеи што ги освоил и ги ставал покрај постерите на Мајкл Џордан и Памела Андерсон. Медлин Барлоше се сеќава и како Федерер се криел од родителите после тренинзите по шкафовите во соблекувалните, и како често го бркале од тренинзите со неговиот другар Марко Кијудинели со кој за прв пат во кариерата го освои Дејвис Купот минатиот викенд против Франција.