
Јане Сандански вечерва од 20:30 часот ќе блесне со парада на 50 спортски делегации, како и на Тимот на бегалци под покровителство на ЕОК.
Свечената церемонија на ЕМОФ Скопје 2025 ќе го означи стартот на седумдневен спортски и културен спектакл кој ќе ги обедини младите спортисти од цела Европа во духот на фер-плеј, солидарност и пријателство.
Ќе продефилираат спортисти на возраст од 14 до 18 години, кои ќе се напреваруваат во 15 спортски дисциплини:
Атлетика, пливање, кошарка, баскет 3x3, ракомет, одбојка, џудо, спортска гимнастика, друмски велосипедизам, маунтајн бајк, кајак слалом, бадминтон, стрелаштво, пинг-понг и таеквондо.
Се очекува учество на повеќе од 4.000 млади спортисти, тренери, спортски официјални лица и тимски претставници, како и стотици новинари, волонтери и гости.
Отворањето ќе биде збогатено со уникатен сценско-музички спектакл што ќе ја претстави македонската култура, звук и визуелна уметност, а централно место во церемонијата ќе има изведбата на официјалната химна на ЕМОФ Скопје 2025 – „Together We Shine“, композиција која веќе се препознава како симбол на заедништво, младешка енергија и олимписки дух.
Натпреварите ќе се одржуваат на спортски објекти со меѓународни стандарди во Скопје и Куманово, додека натпреварите во спортска гимнастика ќе се одржат во Осиек, Хрватска, во соработка со Европскиот и Хрватскиот олимписки комитет.
Македонија годинава ќе биде претставена со рекорден број на 181 спортисти кои ќе учествуваат во сите спортови.
На свеченото отворање, македонското знаме ќе го носат Кристијан Смилев (кајак) и Матеа Поповска (одбојка).
Европскиот младински олимписки фестивал е најголемиот спортски настан организиран за млади, првпат одржан во 1991 година, во Брисел (Белгија), како летен спортски натпревар, а првиот зимски ЕМОФ е одржан во 1993 година, во Аоста (Италија).