Полската спортистка Марија Андрејчик пред две ипол недели освои вреден сребрен медал на Олимписки Игри 2020 во Токио но наградата ја ставила на аукција и тоа за повисока цел - да спаси живот на дете.
Марија Андрејчик во дисциплината фрлање копје освоила сребрен медал на Олимписките Игри во Токио и тоа е нејзино најголемо достигнување во досегашниот дел од кариерата.
Но пред неколку дена решила да го стави медалот на аукција со цел да собере средства за спас на 8-месечниот Милошек Малиш кој во САД треба да оди на операција на срце. Целата операција изнесува 250.000 долари. За сребрениот олимписки медал, Андрејчик барала пола од потребната сума за операција - 125.000 долари.
„Правата вредност на овој медал засекогаш ќе остане во моето срце. Самата награда е предмет но може многу да им помогне на другите луѓе. Ова сребро може да спаси живот наместо што би висела на полица во шкаф“, изјавила Марија Андрејчик од Полска и додала:
8-месечното бебе Милошек има сериозно заболување на срцето и неопходна му е операција. Во фондот за собирање средства за потребната операција веќе има поголема сума која што ја донираа родители на друго мало дете, Кубус, кој за жал не успеа да преживее. Неговите родители ги префрлија средствата за лекување на Милошек, но и јас сакам да помогнам. Поради него ја давам олимписката медала“, рекла полска олимпијка за една тамошна телевизија.
Имено, за жал и самата Андрејчик поминала низ сличен пат затоа што имала сериозна болест (дијагностицирана во 2018-та) но се изборила, оздравела и собрала сили да му се врати на спортот.
На Олимписките Игри 2016 во Рио и фалеле само 2 сантиметри до бронзен медал. Но во Токио летово и се оствари животната желба.
На крајот аукцијата завршила успешно. Наддавањето го добил ланецот полски супермаркети Żabka, а 125.000 долари се префрлени во фондот за лекување на Милошек. Во меѓувреме компанијата решила да и ја врати медалата на Марија. Биле восхитени од нејзината постапка.
„Импресионирани сме од нејзиниот прекрасен и пред се благороден гест“, стоело во соопштението од компанијата.
А малиот Милошек сега треба да оди во САД на операција благодарение на собраните средства.