50. издание на Супер боул

САД се веселеа, Денвер е шампион

На јубилејниот 50. Супербоул во Санта Клара, Денвер Бронкос со неверојатна одбрана го совладаа тимот на Каролина Пантерс 24:10 (10:0, 3:7, 3:0, 8:3).

Заврши и долго најавуваниот спектакл и приказната за двајцата квортербекови, Пејтон Менинг и Камерон Њутн кој како во ѕид удираше во противничките играчи. Сè започна со почетниот удар на МВП-то во НБА, кошаркарот на Голден Стејт Стеф Кари, додека неговиот колега Кевин Дјурент седеше покрај теренот и фотографираше.
 
Каролина Пантерс и нивниот водач Њутн дојдоа во Санта Клара да ја завршат работата и да станат четвриот тим во историјата на овој спорт со 18 победи во серија по фантастичната сезона. Сепак, наидоа на гранитна одбрана предводена од Акиб Талиб, Демаркус Вер, Ти-џеј Ворд и посебно МВП-то на крајот Вон Милер.
 
Уште еднаш се потврди традицијата дека во големото финале поразен ќе биде тимот чијшто квортербек ќе биде прогласен за МВП на регуларниот дел на сезоната. Со Вон Милер и неговата десна рака ДеМаркус Вер, дефанзивците на Бронкос го носеа шерифот Менинг (40) до втор НФЛ прстен (втора титула „Винс Ломбарди“, а прва по доаѓањето од Индијана каде играше цели 14 години) 

Најдобриот играч во лигата, Камерон Кем Њутн овојпат не беше на потребното ниво, противниците го сопреа, а освен брзото трчање на Џонатан Стјуарт од еден јард за тачдаун, тимот на Каролина не покажа ништо од она што го играше сезонава. На паузата, свој настап имаа Стил, Лејди Гага, Бијонсе, Бруно Марс и Колдплеј.
 
Њутн собра севкупно 245 јарди, но не беше ниту близу до енд-зоната на Бронкос кои удрија по него исто како по Том Брејди пред две недели. Мечот го одбележи нов рекорд на Супербоул со вкупно 12 туркања на квортербековите. Од друга страна, легендарниот Менинг како да не играше воопшто, фрли 141 јард.

Инаку ова беше трет Супербоул за Бронкос во историјата, а прв од 1998. година и легендарниот Џон Елвеј. Сосема заслужено, титулата најкорисен играч на СБ ја доби Вон Милер. Офанзивниот лајнбекер на Бронкос е награден за фантастичната сезона и неверојатниот настап во Санта Клара. Покрај 6 соборувања имаше и 2,5 сека. Цело време го стискаше Њутн и успеа да исфорсира фамбл, за прв тачдаун на мечот. Со помош на Вер, Малик Џексон и Дерек Волф го стави во џеп најдобриот напаѓач во лигата.
 

 
8 февруари 2016 - 09:52