Холс Крик е австралиски град кој се наоѓа во регионот Кимберли лоциран на северниот дел од Западна Австралија, каде според податоците од 2006 година живеат 1.211 луѓе. Нашинците кои се распрскани на овој континент тешко дека заминале да го разгледаат тој дел. Од Перт е далеку 2.855 км и се патува околу 30 часа со кола, а од Сиднеј авантурата изнесува 3.800 км или околу 43 часа возење.
Епа од ова место е Сем Петревски – Сетон, најголемиот талент во австралискиот фудбал или по нашки рагби. Кога тренерите и менаџерите добиваат прашање да го споредат со актуелните играчи на Австралискиот фудбал (АФЛ) тие остануваат без зборови.
Тинејџерот има голем афинитет за овој спорт, како и голема желба за работа, а на негова возраст реткост е да се види играч со таков талент од толку оддалечена и запустена област во земјата. На само 13 години Сем го одиграл првиот меч во сениорска конкуренција за Холс Крик Хокс во Источната фудбалска лига во Кимберли.
Во првите три години како репрезентативец за У16, на два пати бил прогласен за најдобар играч, а минатата година влезе во селекцијата за играчи до 18 години.
Тренерот Мајкл Аблет смета со неговиот прогрес тој може да стане најдобар играч на континетот.
„Многу занимливо, имаше луѓе кои пред една година ми велеа дека тој може да биде подобар од Џек Мартин кој игра во среден ред, а Џек е еден од најдобрите играчи кои сум ги видел на таа возраст. Бев резервиран, но како продолжува сезоната ако ја видите способноста на Сем и онаа на Џек, тоа е реткост“, вели австралискиот стратег.
За разлика од Џек кој потекнува од метрополата Голд Коуст, Сем е од град кој го бие лош глас во медиумите и кој е опишан како град во Австралија каде најмалку се почитуваат закони.
Регионот е полн со талентирани фудбалери кои не успеале да направат кариери поради тоа што не можеле да се справат со стандардите кои се барани од страна на спортските организации.
„Треба да бидеш горд на местото од каде потекнуваш и да ја чувствуваш љубовта во себе која ти ја дава вашиот дом. Ние немаме многу сличности со луѓето од градовите, но се додека стоиме на две нозе и одиме напред, треба да постигнеме нешто“, вели Сем.
Интересно за Петревски е неговото потекло. Татко му Крис Македонец, а мајка му Анџелина е Абориџинка. Холс Крик е средина каде живеат Домородни Австралијци односно Абориџини, а тоа се луѓе кои постоеле во Австралија и околните острови пред Европската колонизација.
За Абориџините постојат дебати меѓу научниците со излегоа со проценки дека потекнуваат од пред 125.000 години. Во моментов 2,7% од населението во Австралија се Абориџини.
„Многу хорор приказни се слушаа за ова место, но тоа не е толку лошо. Треба само да дојдете тука и да ги запознаете луѓето“, вели мајка му Анџелина.
На Сем Петревски му недостига тој живот каде возел со валкан точак и се пентарел по дрва, а кога пристигнал во Перт голем предизвик му бил да го научи англискиот јазик со австралиски акцент кој не се зборува во Холс Крик. Тоа што потекнува од џунгла, тинејџерот со македонско и абориџинско потекло не го спречува да биде фаворит број 1 за прв пик на драфтот следната сезона.