Целосното име му е Ентони Олувафеми Оласени Џошуа. Скратено Феми. Новиот владетел во светскиот бокс кој победи во категориите IBF, IBO и WBA.
Роден е во Ватфорд, а има корени од Нигерија од каде е мајка му. Прво растел во Африка, а на 7 години се вратил во Велика Британија каде тргнал да оди во школо и да се занимава со спорт.
Џошуа прво почнал со атлетика и фудбал и на 13 години трчал 100 метри за 11,6 секунди. Тоа било показател дека се работи за снажен и брз спортист кој подоцна ќе се испостави дека ќе се тепа и ќе крши аркади на светско ниво.
Со боксот стартувал на 18 години и одбил 50.000 фунти за да не стане професионалец и за да може да учествува на Олимписките игри во Лондон 2012 каде освои злато.
„Ми беше лесно да ги одбијам тие пари. Не почнав да се занимавам со спорт поради пари, туку за да освојувам медали“, изјави тогаш Џошуа.
Професионално со бокс почна да се натпреварува во 2013-та кога дебитирал заедно со братучед му кој исто така е боксер и од тогаш реди само победи. Во декември 2015-та стана првак на Велика Британија и потоа сè останато е историја. На 9 април победи во IBF категоријата, а на Вембли пред три дена го истепа “несовладливиот“ Украинец Владимир Кличко.
Зад новиот 27 годишен Светски шампион има и многу работи кои не се поврзани со рингот. Пред да стане боксер бил ѕидар, а како мал се интересирал многу за шах и сакал да чита книги со цел да се унапредува на тактички план.
Џошуа поминал и бурни моменти во животот, па така на пример во 2009-та бил во затвор поради тепачки и други глупости кои ги правел, а кога излегол морал да носи електронска ракавица.
Во март 2011-та го застанала полиција поради брзо возење и му нашла канабис. Го обвиниле за поседување со намера за продажба, а тоа е максимална казна од 14 години затвор.
Тогаш се соочил со суспензија во боксот и осуда од 12 месеци друштвено корисни работи и 100 неплатени часа работа затоа што вината ја признал на суд.
Иако поголемиот дел од животот го минал во Велика Британија не ја заборава Нигерија која му е истетовирана на десната рака.
Кога во интервју го прашале со кого би поделил пиво, тој одговорил: „Со Барак Обама“, а на прашањето кој му е омилен албум го истакнал: „Збогати се или умри во обид да се збогатиш“.
Тоа првото му успеа. Победата против Кличко му донесе 15 милиони фунти.