Неверојатниот Рони О’Саливен постави рекорд и ја крена цела сала на нозе

Уметник кој е права привилегија да се гледа. Начинот и умешноста со која лесно ги внесува куглите е уникатен. Никој никогаш како големиот Рони.

Петкратниот светски снукер шампион Рони О’Саливен ја одбрани титулата на шампионатот во Престон откако во финалето го совлада Нил Робертсон со 10:4.

Рони на тој начин стана првиот играч во историјата кој направил 1.000 троцифрени брејка.

Пред него, само двојца играчи успеале да ја минат бројката од 700 „сенчури“ - тоа биле Стивен Хендри (775) и Џон Хигинс (745).

О’Саливен, за кого навиваше буквално цела сала во финалето во Престон влезе во мечот со 997 троцифрени брејка. Во првиот дел од дуелот направи два и поведе 7:2, а до неверојатниот 1.000 „сенчури“ стигна со страшна серија од 134 поени.

Пред да ја внесе црвената топка за рекорд, мирно само го префрли стапот од десна во лева рака а публиката воодушевено му аплаудираше.

****

Ова е 35 рангирна титула за Рони во јубилејното 50 финале.

43-годишниот О’Саливен првата титула ја освоил токму во Престон во далечната 1993 година.

11 март 2019 - 11:13