Оваа година на стартот од Marathon des Sables (Маратон на песокот) се појавија 1.017 натпреварувачи од целиот свет кои само за учеството плаќаат по 2.500 евра.
Целата трка трае 6 дена и натпреварувачите поминуваат 250 километри низ пустината Сахара. На најдобрите ќе им требаат околу 20 часа вкупно за да ја комплетираат трката, но минатата година некои на целта пристигнаа и со задоцнување од 56 часа, а 200 од нив не го ни завршија маратонот.
Организаторите на трката единствено обезбедуваат вода и шатори за преспивање помеѓу трките, а натпреварувачите во своите ранци сами си ја носат храната и целата опрема.
На првото издание во 1986-та година учествувале само 23 тркачи, а на последните изданија учествуваат по околу илјада натпреварувачи. За трката оваа година сите места беа пополнети уште од 2011-та година, а доколку сакате да учествувате на трката во 2014-та година тогаш ќе треба да платите 500 евра за апликацијата со која ќе се најдете на листата на чекање.
До сега за време на трката имаат починато двајца тркачи, а во 1994-та година еден Италијанец се загубил во песочната бура и бил пронајден по 9 денови талкање, ослабен 13 килограми.