Од 1996. година, кога Ана Курникова стана најмладата победничка на еден дуел од УС Опен, до синоќа немаше значи дека некој би можел да го сруши нејзиниот рекорд.
Сепак, буквално од никаде се појави Кетрин Белис, 1.028 тенисерка на ВТА ранг листата и со 6-1, 4-6, 6-4 ја совлада Доминика Чибулкова (13. рангирана)!
Белис, чие средно име е Картан стана позната по прекарот Си-Си, иницијали кои гласно одекнуваа на теренот број 6 на Флешинг Медоус.
„Навистина е лудо да помислам, а камоли да верувам дека сум овде пред толку многу луѓе" ,изјавила возбудената Белис, по потекло од Атертон, место во Калифорнија.
Младата Сиси на УС опен стигна по вајлд картата која што ја доби откако го освои националниот шампионат на САД за девојки под 18. години.
Откако беше 1-1 во сетови, Американката имаше негатива од 1-3 во третиот, решавачки сет.
Сепак, со три врзани гема, Белис успеа да прејде во водство кое не го испушти до крајот на дуелот. После победата, таа заработи чек од 60.000 евра, колку што му следува на секој што се пласира во втората рунда, но таа ги одбила парите, затоа што сака да го задржи аматерскиот статус.
„Со статусот аматер ќе можам полесно да се запишам на колеџ, заштитена сум во случај на повреди или нешто друго, но во секој случај сакам еден ден да станам професионалец“, изјавила Белис веднаш по натпреварот со Чибулкова.
Противничка на харизматичната Кетрин во второто коло ќе и биде Зарина Диас од Казахстан, која што е 48. на ранг листата.
Очите на јавноста ќе бидат свртени кон чудото од дете, Кетрин Белис која го направи најпријатното изненадување на досегашниот тек од Грен слем турнирот во Њујорк.