По неколкудневни шпекулации дека Македонската радио телевизија нема да врши преноси од најдобриот европски ракомет и фудбал, сега и официјално стигна потврда за тоа. Во изјава за Офф.нет.мк уредникот на спортската редакција на МРТ и добро познато лице, Драган Николовски вели:
„Точно е, Македонската Телевизија нема да ја пренесува ракометната Лига на шампионите во сезоната којашто почнува деновиве. Во ситуација кога Македонија остана без претставник во женска конкуренција, а машките клубови се во надолна линија, дури и со реална неизвесност околу нивната перспектива во ЛШ, условите за склучување нов двегодишен договор со ЕХФ Маркетинг (а не да се договара сезона по сезона) беа премногу неповолни од финансиски аспект.
Како и во претходните неколку сезони, договорот требаше да ги опфаќа ТВ-правата за пренесување само на натпреварите на нашите претставници, обврската за ТВ-продукција и за сателитскиот аплинк на мечевите коишто ќе се играат во Македонија, како и ТВ-правата за завршните турнири во Будимпешта и во Келн.
Иако елитното европско натпреварување беше заштитен знак на спортската програма, раководството на МРТ процени дека влегување во овој проект под предвидените финансиски услови би било неодржливо во овој деликатен период.“
Договорот кој МРТ го имал со ЕХФ Маркетинг важел на три сезони и истекол со крајот на 2017/2018. За ова Николовски вели:
„Договорот тогаш беше на три сезони но беше во еден друг период во којшто ние наоѓавме логика за влегување во ризик.“
Ракометната Лига на шампиони започнува претстојниов викенд. Вардар во сабота од 17:30 му гостува на Монпеље, а Металург гостува кај Спортинг Лисабон од 19:30 часот.
Освен што сезонава нема традиционално да ги гледаме Вардар и Металург во Лигата на шампионите, јавноста останува со куси ракави и кога е во прашање најдобриот европски фудбал:
„МРТ и за наредниот тригодишен период (2018-2021) достави исклучително висока понуда до Тим Маркетинг, компанијата преку којашто УЕФА ги продава ТВ правата за фудбалската Лига на шампионите и за Лига Европа. Сумата којашто во моментов е незамислива за некоја од комерцијалните ТВ куќи во земјава да ги откупи правата за ексклузивното натпреварување, сепак, не беше доволна за МТВ да обезбеди ексклузивитетот како и во периодот од 2012 до 2018 година. МРТ стори се што е во нејзина моќ за суператрактивниот настан да го задржи на својата програма, но очигледно не можеше да се носи со финансиската супериорност на специјализираните спортски канали во регионот и на нивните овдешни дистрибутери...“, констатира Николовски.
Во ера на телевизиски гиганти со кои традиционалните национални сервиси тешко се носат, изборот на гледачите не е широк. Оние кои не можат да го приуштат задоволството да ги имаат „и тие и оние канали“, ќе одат по комшии, роднини или на места каде ќе се пренесуваат натпреварите од Лига на шампиони.
Македонската радио телевизија за сега останува на натпреварите од ракометната СЕХА лига и македонското кошаркарско првенство со простор за дополнително пополнување на програмата.