Мега спектакл во Париз, Ѓоковиќ vs Надал

Ждрепката на Олимписките игри во тенис, не можеше да биде попривлечна за неутралната публика, а понесреќна за Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал. Едниот од нив двајца ќе мора порано да ги пакува куферите.

Двајцата тениски великани кои тежат 36 Гренд слем титули, ќе се соочат уште во 2. колото на Олимписките игри во Париз.

Се разбира ако не пукне сензација на стартот. Прв противник на Ѓоковиќ му е Метју Ебден од Австралија, а Надал се среќава со Мартон Фучовиќ од Унгарија.

Ѓоковиќ имаше многу тешка ждрепка. Ако во второ коло го мине Надал, во следната рунда ќе се соочи со локалниот натпреварувач Артур Фис. Можни противници во четврт и полуфинале му се Циципас и Ѕверев, а во финале потенцијален противник му е Алкараз.

Што се однесува до Алкараз, тој помина многу подобро. Во прво коло ќе се соочи со помалку познатиот Хади Хабиб од Либан, додека на неговата половина од ждрепката се наоѓа Данил Медведев, со кој би можел да се соочи во полуфиналето. Од посилните можни противници во воведните кола, Алкараз ги има Томи Пол, Камерун Нори и Алекс Де Минор. 

Извлекувањето на двојките доцнеше неколку минути поради одлуката на двократниот олимписки шампион Енди Мареј да се повлече од сингл во последен момент, но сепак ќе игра во двојки со Ден Еванс. 

Повредата поради која се повлече од Вимблдон и овојпат беше посилна, па поранешниот тенисер број 1 беше принуден да ја заврши кариерата на непопуларен начин. Пред пристигнувањето во Париз, Британецот истакна дека Олимписките игри ќе бидат неговиот последен професионален турнир.

Поради повреди, настапите во последен момент ги откажаа и Јаник Синер и Дејн Холгер Руне.

Тенискиот турнир започнува ден по официјалното отворање, на 27 јули, а ќе трае до 4 август за кога е закажана борбата за златниот медал. Ден претходно е мечот за бронзата.

Натпреварите ќе се играат на терените на Ролан Гарос и почнуваат секој ден во 12 часот, а ќе се играат во два сета.

25 јули 2024 - 13:47