Манчестер Сити го разби Реал и оди во големото финале

Фудбалерите на Манчестер Сити го растурија Реал Мадрид на реваншот од полуфиналето во Лига на шампиони со 4:0 и закажаа мегдан со Интер во битка за трофејот.

Откако на „Сантијаго Бернабеу“ Реал и Сити одиграа 1:1, „граѓаните“ од Манчестер беа безмилосни и на реваншот до врв ја наполнија мрежата на актуелниот шампион.

МАНЧЕСТЕР СИТИ - РЕАЛ МАДРИД 4:0 (2:0)
/Силва 23', 37', Милитао 76', Алварез 90+1'/

Големото финале на Лига на шампиони е закажано за 10. јуни на модерниот стадион „Ататурк“ во Истанбул каде Сити ќе се обиде да дојде до првата европска титула во својата клупска историја, а Интер до својата четврта по онаа со Мурињо во 2010-та.

Реал Мадрид буквално го немаше вечерва на „Етихад“ каде Манчестер Сити имаше апсолутна доминација во секој сегмент од играта. Избраниците на Пеп Гвардиола уште еднаш докажаа дека во моментов се веројатно најсилниот состав на Стариот континент и дека ќе бидат голем фаворит во дуел со Интер.

Со маестралните погодоци на Португалецот Бернардо Силва Сити дојде до огромни 2-0 на паузата, а во вториот дел со автогол на Едер Милитао и погодок на нововлезениот Аргентинец Хулиан Алварез, со 4-0 ги испрати „кралевите“ дома.

Реал Мадрид одамна не бил вака понижен во елитната Лига на шампиони.

 

18 мај 2023 - 02:13