„За врвни достигнувања во атлетика потребни се многу финансиски средства. Во текот на годината потребни се минимум 100 дена интензивни подготовки, соодветна исхрана, витаминизација, физиотерапевт, психолог... Не можеме да се споредуваме ни со соседните земји како што се Србија, Грција и Бугарија, а не пак со светските атлетски велесили како што се САД, Русија, Германија", ни изјави атлетичарот Кристиан Ефремов.
За разлика од „сериозните" атлетичари кои имаат интензивни подготовки минумум 100 дена во годината, Ефремов за целиот олимписки циклус од четири години имал подготовки во траење од 20 дена и тоа 10 дена биле обезбедени од Агенцијата за спорт и млади, а другите 10 биле од Турската атлетска федерација во соработка со АФМ.
Заради реконструкцијата на Арената Филип 2, изминатата година тој се подготвува на кејот на Вардар и на атлетската патека во Велес, а ако има среќа и ако го пуштат да влезе некогаш тренира и на военото игралише во Скопје. Откако во медиумите се дигна голема бука, Македонскиот олимписки комитет на две недели пред почетокот на игрите во Лондон реши да ги испрати нашите спортисти на подготовки во Охрид.
Македонскиот олимписки комитет во 2011-та година додели 10 олимписки стипендии во висина од 500 до 1100 долари месечно за олимписките кандидати кои се блиску до остварување на норма. За жал, од тие 10 спортисти никој не успеа да избори олимписка норма, а помеѓу нив нема ниту еден атлетичар.
Не само што МОК потфрли при подготовките на Ефремов, тие дури се дрзнаа и јавно да го критикуваат затоа што тој самостојно бара спонзори за своите подготовки. Аргументот на МОК беше дека тие ќе му го обезбеделе престојот и сместувањето во Лондон.
„Патувањето до Лондон и сместувањето никаде во изјавите не беа оспорувани. Акцент беше ставен на финансии за атлетска опрема, витаминизација, исхрана, т.е. работи кои сум приморан јас лично да ги купувам или со помош на моите родители. На пример, вчера за време на тренингот имав грчеви во нозете, па мојата мајка ми ги даде последните 500 денари за да можам да купам Магнезиум за побрзо да ми се опорават нозете и да немам грчеви", изјави Ефремов.
Неговата колешка Христина Ристеска тренира со тренерки стари осум години, а Кристиан во Лондон ќе трча со скинати патики.
„Со спортска опрема, исхрана, витаминизација и транспортни трошоци ме снабдуваат моите родители и лично јас. Двата пара спринтерки кои ги поседувам и кои лично јас ги имам купено се поткинати и со нив ќе настапувам на Олимписките Игри во Лондон", дополни најдобриот македонски атлетичар.
Но и покрај сите проблеми со кои тој се среќава, Ефремов ветува дека ќе даде се од себе за да го подобри неговиот најдобар резултат и да ја претстави Македонија во најдобро светло.