Кризата предизвикана од глобалниот вирус не го заобиколи ни хокејот. Најсилната лига на светот НХЛ западна во финансиска криза, но не во нокдаун во кој се наоѓаат некои европски клубови.
Најголеми изводи на приходи им се од права на телевизиски преноси и од продадени влезници но речиси цела година е забранет влез за навивачи поради вирусот. Келн Хаје игра во хокеарската Бундеслига и ја има најголемата хокеарска арена во Европа (18.500 гледачи) во која се играа неколку Светски првенства.
Во нормални времиња, во оваа сала доаѓаат по 13.300 гледачи во просек да го гледаат Келн Хаје. Повеќе гледачи во цела Европа имале само швајцарски Берн и руска СКА.
Договорите на хокеарите на Келн се неизвесни и локалниот печат пишува дека повеќето плати кои се движат од 80 до 150.000 евра по сезона, би можеле да бидат ревидирани затоа што клубот останал без 60% од вообичаените приходи.
Келн е четврт град по број на население во Германија и најголем град во Северна Рајн-Вестфалија.
Навивачите на фудбалскиот клуб на Келн се познати по големата верност, па сега тргнале во акција за спасување на хокеарскиот клуб. Акцијата ја предводи Лукас Подолски, најпознатиот фудбалер од Келн.
Полди е роден во Полска но целата младост и почетоците на фудбалската кариера ги помина во Келн. Уште од 10 години кога го запишале во локалната школа..Подолски одигра 6 сезони за „јарците“, а во 2014-та година кога Келн обезбеди пласман во Бундеслига тој славеше од Лондон каде играше за Арсенал.
Сега Лукас не може да остане на страна кога хокеарскиот клуб е на работ на гаснење. Минатата година на фудбалскиот стадион на Келн се одиграл хокеарски меч кој го следеле дури 40.000 гледачи.
Подолски сега тренирал со хокеарите и објавил дека ако клубот продаде 100.000 виртуелни влезници, тој ќе заигра хокеј. Неверојатно, но вистинито - се продале 100.000 виртуелни влезници по цена од 10 евра така што клубот заработил огромна сума на пари за да продолжи да опстои.
„Многу сум среќен што се продадоа 100.000 билети. Може само да им се заблагодари на луѓето и компаниите кои земаа учество. Едвај чекам да заиграм за Хаје“, рекол Лукас.
Интересно ќе биде да се види како ќе игра хокеј додека уште е под договор со турскиот суперлигаш Анталијаспор. Минатата година имаше пример кога Петр Чех застана на голот на англиски хокеарски клуб и имаше одлична статистика (93,4% одбранети удари и 2 меча без примен гол).
Но чешката легенда играше за полу-професионален клуб од четврта лига. Германската лига е нешто сосема друго и важи за една од најдобрите во Европа.