Кралот на Австралија опен не успеа, прв трофеј за Алкараз

Изгледаше дека може, одигра перфектен прв сет, но потоа следуваше пад по кој само привремено се врати и ја одржа неизвесноста. Карлос Алкараз е новиот шампион на Австралија опен.

Foto: x.com/AustralianOpen 

Во неговото единаесетто финале на Род Лејвер Арена, каде е владетел со 10 трофеи, за прв пат во меч за титулата во Мелбурн, Новак Ѓоковиќ го положи оружјето против енергичниот предизвикувач, 16 години помладиот Карлос Алкараз.

Шпанецот ја доби тричасовната битка со 3:1 (3:6, 6:2, 6:3, 7:5) и со тоа ја прекина доминацијата на Јаник Синер од две години во низа.

Алкараз со тоа стана најмладиот играч со 22 години и 272 дена, кој успеал да освои титула на сите четири Гренд слем турнири. Ова му е вкупно седми, има по два на Ролан Гарос, Вимблдон и Њујорк.

Инаку ова беше нивниот десетти меѓусебен дуел и сега резултатот е 5:5 или 4:2 за Шпанецот на Гренд Слем турнирите.

 

1 февруари 2026 - 12:49