Крај за Ѓоковиќ во Мелбурн, предаде меч поради повреда

Еден од фаворитите за титулата на Отвореното првенство на Австралија, Новак Ѓоковиќ го заврши настапот на Гренд слемот откако го предаде дуелот во полуфиналето со Александар Зверев.

По крајот на првиот сет кој се играше 1 час и 20 минути, Новак Ѓоковиќ се доближи до мрежата и на својот ривал му ја соопшти одлуката да го предаде натпреварот поради повреда која го мачи веќе некое време.

Српскиот тенисер одлично влезе во натпреварот и се движеше доста добро. Стигнуваше топки, фаќаше дроп-шотови, играше солидно но како што одминуваше времето и сетот, така стануваше јасно дека има одредени потешкотии со повредата која го тишти.

Новак Ѓоковиќ и Александар Зверев одиграа сет долг 81 минута а Зверев го доби после тај-брејк 7:6. Новак како едвај да чекаше сетот да заврши за да му ја соопшти одлуката на Зверев. Претходно српскиот тенисер се обиде со таблети да ги намали болките но не му појде од рака.

На мечот со Карлос Алкараз Ѓоковиќ доживеа руптура на едниот мускул која што го спречи несметано да го продолжи турнирот.

Не удрив ниту едно топче после дуелот со Алкараз, направив се што можам да се опоравам, да ја санирам руптурата. Лекови, завои, работа со физиотерапевти, ми помогна до некое ниво, но во првиот сет почуствував болки и не можев да издржам. Можеби ќе издржев уште пола сет или сет да го освоев првиот, но..“, искрено признал Новак дека повредата е посилна од него во моментов.

Поради ваквиот епилог, дел од публиката во Мелбурн го исвирка Новак Ѓоковиќ затоа што биле незадоволни што платиле голема сума пари за само еден сет во полуфиналниот дуел. Ѓоковиќ објави на прес-конференција дека ова Отворено првенство на Австралија би можело да му биде последно во кариерата.

Во врска со повредата, новинар го прашал Ѓоковиќ колку се очекува да отсуствува, а тој рекол:

„Не знам, морам на уште испитувања. Кога ќе се вратам во Европа ќе се сретнам со физиотерапевтите и медицинскиот тим па ќе се обидеме да видиме што е најдобро да направам за што поскоро да се опоравам. За пар недели ќе треба да играм во Доха а дали ќе играм зависи од тоа колку брзо ќе се опоравам. Претходно успевав да се опоравам брзо па ќе видиме сега како ќе оди опоравокот“.

Тој е апсолутен рекордер на Гренд Слемот во Австралија со дури 10 титули!

24 јануари 2025 - 06:52