Ирина Дишовска и Лазо Миновски имаа двочасовно излагање за 30 дневната непалска авантура, кое ги остави присутните без здив, како и видео проекција на дел од материјалите кои нашите двајца планинари ги снимиле за време на престојот во Непал.
Ама Даблам, висок 6.812 метри важи за еден од најтешките врвови во светот кој е познат како „монструмот на Хималаите“.
Дишовска не случајно годинава е номинирана за две престижни годишни награди во областа на спортот кај нас, во женска конкуренција.
„Ама Даблам е најголемото достигнување во мојата планинарска кариера, досега. Ова искачување за мене претставува поместување на моите можности и границите кои мислев дека постојат“, рече Ирина Дишовска.
„Ама Даблам за мене беше планинарска раскрсница во животот, сакав да видам дали можам да се соочам со вистинското лице на планината“, изјави Лазо Миновски за предизвикот, кој е инаку наш истакнат велосипедист, а во последните две години нова пасија му е планинарењето.
Дел од експедицијата бил и Валдемар Ковалевски, истакнат планинар од Полска, кој во кариерата има искачено 7 врвови над 8.000 метри, од вкупно 14 колку што постојат.
„Со радост се сеќавам на времето поминато со Ирина и Лазо, тоа се два прекрасни планинарски карактера со кои е задоволство да се делат деновите во предизвикот. Беа решени и ништо не можеше да ги сопре да се искачат на Ама Даблам, а со нив и јас добив сила.“
На претседателот на Федерацијата за планинарски спортови на Македонија, д-р Јовица Угриновски, не му успеал овој многу тежок подвиг.
„Ви завидувам, таа прекрасна убавица Ама Даблам неколку пати сум ја набљудувал и сум кружел околу неа, но никогаш не успеав да ја искачам. Се радувам што бевте таму, но уште повеќе што се вративте дома. Што и да донесете фотографирано или снимено, само вие знаете како е таму и како сте поминале“, рече Угруновски
За еден од најголемите планинарски предизвици, Ирина и Лазо не добиле помош од ниту една институација.
„Се надеваме дека нашите зборови многу ќе им помогнат на оние кои ќе се охрабрат да тргнат кон Хималаите. Ние бевме достојни репрезенти на нашата држава, иако ниту една институција не го препозна нашиот решителен став и никој не ни помогна финансиски, освен неколку верни спонзори на кои сме им бескрајно благодарни, а тоа се Хел, Халкбанк, Месарница Мечка и Пробајк. Ништо не е невозможно, треба само да се решите да поминете преку прагот и успехот е на дофат“.
Следната цел на Ирина:
„Следната цел што сакам да ја постигнам, е искачување на некој од врвовите над 8.000 метри, да стапнам на таа висина без да користам дополнителен кислород. Следна дестинација ќе ми биде Пакистан“.
Следната цел на Лазо:
„Следна цел ми се сите врвови над 8.000, ги има 14, а колку ќе успеам да искачам, ќе видиме во наредниот период. Следна станица, ако сме живи и здрави, ќе ми биде Даулагири (8.167) каде ќе носам дополнителен кислород, но ќе се обидам да се искачам без да го употребам.“
Подвигот им се случи на 23 октомври во 9 часот по локално време.
„Ова е исполнување на сонот. Ме скрши на пола, но ми дозволи да го допрам со сета своја убавина. Да се стапне на врвот е нешто што немам зборови да ги опишам емоциите. Тоа треба да се доживее за да се разбере“, напиша тогаш Ирина.
„Не можам да ги опишам емоциите што ги имав кога го допрев врвот на Амам Даблам. Имаше и солзи. Заборавив и на студеното време и на заморот“, напиша Миновски.
Не го гледајте видеово ако сте слаби со нерви. Инаку Лазо е без ракавици.