Теквондо е корејска боречка вештина и национален спорт на Јужна Кореја. На корејски тае значи удар или блокада со ногa, квон е удар или блокада со рака и до е пат, начин или метод. Значи теквондо во груб превод значи патот на раката и ногата.
Ова е основно Википедија инфо за оние кои ќе речат „Што беше тоа таеквондо“, а ова е нашиот јунак Горјан Аврамовски кој освоил златен медал во А класа на сите четири турнири во Македонија во таеквондо во категорија А-27кг од 9 до 11 години.
Горјан има 11 години. Шест години тренира фудбал, а две таеквондо во клубот Кобра. Ги освоил Охрид опен, Корио опен во Кисела Вода, Илинден опен и Скопје опен, инаку единствен меѓународен турнир во Македонија на кои учествувале екипи од Србија, Бугарија, Албанија, Косово и БиХ.
„Таеквондото е спорт кој многу бргу си го зема своето место во популарноста на спортовите во Македонија. Имаме европски шампион Дејан Георгоевски од ткд Бутел, и неколку кандидати кои се борат за учество на олимпијадата во Токио 2020г. Освен таеквондо Горјан веќе 6 години активно тренира фудбал. Тренери во таеквондото му се Коста Михаилов и Катерина Михаилова која воедно е и најдобриот таеквондо судија од Македонија и прв интернационален судија во таеквондо од нашата земја“, вели неговиот горд татко Бране.
Кој и да го фатиш спортски пат во животот, нека ти е со среќа и само напред младичу. Знаете кој фудбалер има тренирано таеквондо така? Златан Ибрахимовиќ.