Беше една од најголемите ѕвезди на Лацио и играч без кој не можеше да се замислат стартните 11, но откако си замина буквално со солзи од тага спрема клубот и навивачите, се подзагуби во Интер и стана невидлив во Јувентус.
Приказната за фудбалскиот пат на Хернанес е типична од оние: Сакаш да бидеш прв во село или последен во град или поточно лидер во Лацио, почитуван и сакан од навивачите или целосно да се изгубиш во поголем клуб каде ќе грееш клупа и ќе те заборават.
Хернанес дефинитивно се реши за ова второто. Освен што беше главна алка во играта за време на четиригодишниот престој во Лацио тој постигна 40 голови и освои Куп на Италија.
Потоа замина во поголем клуб за наводно повеќе пари и трофеи, но за две сезони во Интер даде само 7 гола и не освои ништо.
Дека целосно заборавивме на него во Јувентус покажува следниот факт. Потпиша за Јувентус на 31 август 2015-та, а првиот гол го даде на 1 мај 2016-та или речиси на крајот на сезоната која ќе ја памети само по една работа, првото Скудето.
Втората сезона и негова последна за Јувентус го става во друштво на Офсајд ликовите бидејќи нема влезено во игра од 27 ноември, постигна исто така еден гол, а згора на се го изоставија од листата за Лига на шампиони која следната недела продолжува со мечевите од нокаут фазата.
Од финансиска гледна точка Јувентус одигра одлично, а Хернанес уште повеќе. Клубот за утре најавува негова преселба во Кина каде успеа да им го продаде за 11 милиони евра или речиси за истата сума која ја платија за него во Интер.
Насмевката на Бразилецот се очекува да се врати, прво бидејќи се очекува да биде стартер во Хебеј Фортун (клубот каде играат Лавеци и Жервињо) и второ, знаете колкава ќе му биде платата? Седум милиони евра годишно или само половина милион помалку од Игуаин кој во моментов е најплатен играч во Серија А.
Во Јувентус заработуваше 3 милиони, а утре го чека трансфер во фудбалскиот рај за пари каде на 31 година ќе зема плата која освен за напаѓачот на Јувентус е недостижна за сите останати ѕвезди во италијанското првенство.