Хамилтон триумфираше во трката со 9 круга помалку

Трката за ГН на Јапонија на патеката „Сузука“ донесе драматични сцени, откако Французинот Жил Бјанки имаше незгода после која го префрлија во болница. Поради обилниот дожд, пилотите на два пати почнуваа зад сигурносните возила.

Победата на водечкиот во генералниот пласман, Британецот од тимот на Мерцедес Луис Хамилтон остана во сенка на незгодата која се случи во 44. круг, така што изостана славјето на крајот.

На патеката „Сузука“ во Јапонија имаше тешки услови за возење, а тоа на своја кожа го почувствува Жил Бјанки од Маруси, кој по несреќата во несвесна состојба веднаш беше префрлен во болница. Тешката видливост на патеката им сметаше на пилотите во обидите да претркуваат, но Хамилтон успеа да го премине главниот конкурент за титулата, Нико Розберг кој на крајот се задоволи со втората позиција, 9 секунди зад Хамилтон. Денешната победа беше 30-та за Британецот во кариерата, а осма во сезонава.

Себастијан Фетел од Ред Бул заврши како трет со 29 секунди заостанување зад водечкиот двоец. Бодови освоија уште и Даниел Рикардо (Ред Бул), Џенсон Батон (Мекларен), Валтери Ботас (Вилијамс), Фелипе Маса (Вилијамс), Нико Хилкенберг (Форс Индија), Жан Ерик Верње (Торо Росо) и Серхио Перес (Форс Индија).

На 4 трки пред крајот на сезоната, Луис Хамилтон ја зголеми предноста во однос на конкурентите во генералниот пласман која сега изнесува 10 бода. Хамилтон има 266 бодови, Розберг 256, Рикиардо 193, а Фетел 139 поени. Следниот викенд (12. октомври), рускиот град Сочи ќе биде домаќин на Ф1.

5 октомври 2014 - 10:56