Возачот на Мерцедес водеше од почетокот до крајот на вечерашната трка во Канада. Второто место, со две секунди заостанување го освои неговиот тимски колега Нико Розберг, а на подиумот се качи и Валтери Ботас од Вилијамс.
Големата награда на Канада не донесе спектакуларни престигнувања, затоа што Луис Хамилтон доминантно возеше во текот на целата трка. Актуелниот шампион во целост ја контролираше трката, а Нико Розберг немаше ниту една прилика за нешто повеќе.
Себастијан Фетел, пилотот на Ферари е можеби најпријатното изненадување вечерва, затоа што ја почна трката како 18-ти, два пати беше во боксот, а сепак на крајот заврши како петтопласиран.
Зад Фетел следуваа Фелипе Маса од Вилијамс, Пастор Малдонадо од Лотус, Нико Хилкенберг од Форс Индија, Данил Квјат од Ред Бул како и Роман Грожан од Лотус. Со последниот триумф, Хамилтон дополнително ја зголеми предноста во генералниот пласман и сега има 17 бодови повеќе од директниот конкурент Нико Розберг.
Ф1 шампионатот продолжува со Големата награда за Австрија која почнува на 21. јуни и се вози на патеката „Ред Бул ринг".