По пет и пол месеци на интензивна нега во болницата во Гренобл, рехабилитацијата на Шумахер продолжи во специјализирана клиника во Швајцарија, а точната локација не сакаше да ја открие неговото семејство. Таму стигнаа две нови писма од Луис Хамилтон и Џенсон Батон.
„Драг Михаел, редовно си во моите мисли и молитви. Молитви за надеж, затоа што ти можеш да ја надминеш ситуацијава. Постигна и направи многу во кариерата и во животот. Се надевам дека Бог ќе ти помогне и ќе ти го покаже патот до твоето семејство, твоите фанови и пријатели." - стои во писмото на британскиот пилот.
А дека мисли на својот омилен колега, покажа и Џенсон Батон:
„Кога мислам на Михаел Шумахер на памет ми доаѓаат две работи: Првата е за моето деби во Ф1. Додека стоев во пит - стопот на патеката во Мелбурн, пред мене го здогледав Шуми во црвеното Ферари како ги издува лисјата од кривината. Веќе во 2000. година, Шумахер беше легенда.
„Втората работа што ми стои во паметење е изгледот на неговото Ферари во мојот ретровизор. Михаел отсекогаш беше силен натпреварувач, сакаше да се натпреварува. Сега ја води најважната битка и знам дека сите во Ф1, меѓу кои и јас веруваме дека ќе победи и ќе живее долго" - стои во писмото на Батон.
Според некои оптимистички тврдења од швајцарската болница, каде што е сместен Шумахер, поранешниот шампион во Ф1 би требало за еден месец да биде пуштен дома.
Тој покажувал знаци на закрепнување, а со најблиските комуницирал преку кревање на веѓите. Шумахер е во кома од 29 декември откако падна за време на скијање на француските алпи.