Големиот Хабиб ја одбрани титулата, се расплака за татко му и заврши кариера

Во најочекуваната борба во УФЦ годинава, Хабиб Нурмагомедов го совлада Американецот Џастин Гејџи и среде ринг објави дека ја завршува кариерата на барање на мајка му.

На „Островот на борците“ во Абу Даби (ОАЕ), 32-годишниот Хабиб Нурмагомедов во втората рунда го совлада неговиот голем ривал Џастин Гејџи и тоа со потег „триаголник“. Неговиот неверојатен учинок во кариерата е 29-0, ја завршува својата одисеја без пораз.

Дури ниту судијата не забележа кога Американецот во втората рунда тапкаше прво на главата на Хабиб, па по октагонот со цел да предаде. Во еден момент и на кратко изгуби свест.

САМАТА БОРБА И ЛУЦИДНИОТ ХАБИБ

Џастин Гејџи почна многу храбро, проба да изврши притисок врз Хабиб но не му нанесе ниту еден директен удар. Американецот еднаш проба и успеа со лоукик, а после една минута Хабиб презема иницијатива и тргна во својот препознатлив пресинг.

Нурмагомедов добро го измери тајмингот за напад. Во средината на првата рунда прво проба тејкдаун од клинч но не му успеа. После пред крајот од првите 5 минути Хабиб успеа да го собори Џастин, но Американецот успеа да стане на време.

Уште од стартот на втората рунда Хабиб тргна во тотална офанзива, ја скрати дистанцата кон Гејџи и влезе во тн. триаголник. Буквално „го врза“ Џастин со нозете по што овој мораше да предаде а дури и изгуби свест на кратко.

Веднаш после мечот, Хабиб ги остави ракавиците во октагонот, гест со кој означи крај на кариерата. Ова беше негова прва борба по смртта на татко му Абудлманап кој пред извесно време почина во Москва после последици од глобалниот вирус.

Нурмагомедов по трет пат ја одбрани титулата во лесна категорија. А веднаш по официјалната одлука на судиите клекна на колена на центарот од октагонот и заплака.

„Денес беше мојата последна борба. Ова беше мое прво борење после тоа што се случи со татко ми. Кога од УФЦ ми се јавија за борба со Џастин, зборував три дена со мајка ми. Ѝ ветив дека ова ќе биде моја последна борба. Она не сакаше да се борам без татко ми. Ѝ дадов збор и морам да се држам до него, така што ова беше моја последна борба во кариерата.

Не ме интересираат милиони, туку да бидам најдобар во историјата. Единствено што сакам од УФЦ е да ме стават на прво место на листата на борци pound-for-pound кога рејтинзите ќе бидат обновени.

Го заслужив тоа, неспорно сум светски шампиони, 13 победи во УФЦ, ниеден пораз, 29 победи во ММА, ух! Сакам да им се заблагодарам на луѓето од промоцијата, до Дејна Вајт најголема благодарност. Секако и за Џо Силва кој ме внесе во УФЦ“, изјави Хабиб емотивно после мечот откако го совладаа емоции за татко му со кој тренирал уште од мал.

Хабиб подоцна им се обрати и на сите свои навивачи:

„И за сите мои навивачи... Ако кажам од Русија, ќе биде неправилно, просто за сите од руско говорно подрачје. Многу ви благодарам.

Во 2008-ма кога почнував, во 2012 кога првпат се борев во UFC, многу не ми веруваа, на многумина им беше невозможно.

Јас сум просто дечко од обично село од Дагестан. Дојдов тука. Синоќа брат ми ми вика дури: Гугл вели дека ти си најбараниот човек на планетата. Просто не можам да поверувам во тоа. Уште не ми влегува во глава тоа. Просто заедно со татко ми се шегувавме дека сакам да станам шампион. Не ни помислував дека се ова може да ми падна на раменици.

Ако имате родители, бидете заедно со нив. Мене ми остана еден родител, тоа е мајка ми. Би сакал повеќе време со неа да поминам“, рече Хабиб по големата победа над Гејџи.

КАКО НАЈДОБРИОТ БОРЕЦ ОД ДАГЕСТАН ТРЕНИРАЛ СО МЕЧКА

КОГА ТАТКО МУ НА ХАБИБ ГО КАНЕШЕ КОНОР МЕКГРЕГОР ВО ДАГЕСТАН

25 октомври 2020 - 01:31