Фетел во Сингапур го престигна Сена

Германскиот пилот Себастијан Фетел е победник на 13-та трка во Формула 1 сезонава која се возеше на патеката Марина беј во Сингапур.

Четирикратниот светски првак во Ф1 стигна до третата победа сезонава а дури 42-ра во кариерата, со што се одвои на третото место на вечната листа во Ф1 по победи пред Аертон Сена. Пред Фетел во моментов се само Михаел Шумахер со неверојатни 91 победа и Ален Прост кој оствари 51 победа.
 
Второто место, со само една ипол секунда заостанување му припадна на возачот на Ред Бул, Даниел Рикардо, а трет заврши Кими Раиконен, вториот пилот на Ферари.

Актуелниот првак и водечкиот во генералниот пласман, Британецот Луис Хамилтон поради проблеми со болидот ја напушта патеката и првпат сезонава не ја заврши трката.

За првпат сезонава пилотите на Мерцедес не успеаа да дојдат до првиот стартен ред пред почетокот на трката, а пол позицијата му припадна на Себастијан Фетел од Ферари (првпат од 2012-та година), пред Даниел Рикардо од Ред Бул.
 
Уште на самиот старт на трката Фетел сигурно поведе пред Рикардо, Раиконен, Квјат, Хамилтон, Розберг, Ботас и Маса. Почетокот беше одбележен и со истакнатите жолти знамиња затоа што возачот на Торо Росо, Макс Ферстапен не тргна, но брзо потоа успеа да стигне некако до боксот. Веќе по вториот круг Фетел успеа да му избега четири секунди на Рикардо, кој пак имаше само една секунда предност во однос на Раиконен. 

Зад најдобрите тројца се водеше огромна борба, Хамилтон во еден момент беше во конкуренција за подиумот, но во втората половина од трката мораше да се повлече затоа што моторот престана да му работи. Нико Розберг заврши како четврт, пред Валтери Ботас, Даниел Квјат и Серхио Перес.
 
Следната трка во овогодинешниот Ф1 шампионат се вози веќе на 27. септември на легендарната Сузука во Јапонија.