
Многу пресврти и интересни моменти денес на 10-та трка од сезоната. Себастијан Фетел го искористи слабиот старт на Хамилтон (убедливо најбрз во квалификациите вчера) и до крајот на трката возеше како во шампионските денови.
Пред трката се одржа минутно молчење во знак на сеќавање на возачот на Маруси, Жил Бјанки кој на 17. јули почина после девет месеци во кома. Бјанки тешко се повреди минатиот октомври за време на патеката за Големата награда на Јапонија.
Како шампион од 2010, 2011, 2012 и 2013, Фетел денешната трка ја заврши со 15,7 секунди побрзо од Данил Квјат и 25 секунди побрзо од третиот Даниел Рикардо. Хамилтон имаше многу проблеми на стартот и веќе на почетокот падна на четвртото, а подоцна и на деветото место кога се обиде да го престигне неговиот клупски колега, Розберг.
По денешната трка, Хамилтон има 202 бодови, Нико Розберг 181, Себастијан Фетел 160, Валери Ботас 77, Кими Раиконен 76, Фелипа Маса 74. Во конкуренција на конструктори и натаму е прв Мерцедес со 383 бодови, а втор е Ферари со 236. Вилијамс е трет конструктор со 151 бод.
Себастијан Фетел ја забележа 41. победа во кариерата и на тој начин се израмни со легендарниот Ајритон Сена по бројот на триумфи во Ф1 кариерата. Инаку денешното славје беше и прво за Ферари на Хунгароринг од 2004. година кога Михаел Шумахер прв мина низ целта. Шумахер до 41-та победа во кариерата стигна на 31 година во 2000-та на патеката во Монца.
Следната трка од шампионатот се вози на 23. август во Белгија.