Фетел избран за најдобар спортист во Европа за 2012

Шампионот во Формула 1, Себастијан Фетел е прогласен за најдобар спортист на Европа за 2012-та година во традиционалниот избор на 25 новински агенции од Европа.

По 55-ти пат Полската новинска агенција (ПАП) го организираше традиционалниот избор за најдобар спортист на Европа.

На изборот гласаа новинските агенции од 25 земји (помеѓу нив не е Македонија), а номинирани беа 73 спортисти од 28 држави. 47 од нив се мажи, 26 жени, а тие се натпреваруваат во 31 различни дисциплини. Најмногу (9) се атлетичари, 8 фудбалери, а 6 тенисери.

Добитник на признанието оваа година е шампионот во Формула 1, Себастијан Фетел кој освои 137 поени. Зад него е освојувачот на Тур де Франс и олимписки шампион во велосипедизам, Бредли Вигинс од Велика Британија со 130 поени, а трет со 128 поени е победникот на 5.000 и 10.000 метри на Олимпијадата во Лондон, атлетичарот Мо Фарах.

Фетел минатата година на истиот избор заврши на втората позиција, зад тенисерот Новак Ѓоковиќ кој оваа година е на 4-та позиција.

ТОП 10 најдобри спортисти во Европе:

1. Себастијан Фетел (Ф1) - 137 поени
2. Бредли Вигинс (велосипедизам) - 130
3. Мохамед Фарах (атлетика) - 128
4. Новак Ѓоковиќ (тенис) - 108
5. Андрес Иниеста (фудбал) - 103
6. Енди Мареј (тенис) - 67
7. Кристијано Роналдо (фудбал) - 66
8. Раноми Кромовиџојо (пливање) - 55
9. Роџер Федерер (тенис) - 50
10. Себастијан Леб (рели) - 47

26 декември 2012 - 13:18